8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИС

Ресторанот на семејството Јордановски во Чикаго повторно работи, ќерките си го исполнија ветувањето дадено на мајката: Вратите да бидат отворени

Семејниот ресторан на брачниот пар Бранко и Јелица Јордановски бил омиленото место за јадење на многу гурмани, откако побегнале од тешките времиња во поранешна Југославија и станале едни најпосакуваните готвачи во Чикаго.

Кога Јелица Јордановска починала минатата година, на осумдесет и четиригодишна возраст, нејзините деца ѝ ветиле дека вратите на семејниот ресторан во Чикаго ќе бидат отворени. Една од нејзините ќерки, Гордана Јордановска, се вратила од Сан Франциско во Чикаго за да го отвори ресторанот на родителите, откако тој бил затворен заради пандемијата со Ковид 19. Токму таа ја раскажува приказната на нејзините родители за „blockclubchicago.org“.

Бранко Јордановски со четирите ќерки во нивниот семеен ресторан: Анѓа Скуртеска, Илинка „Беба“ Јовановиќ, Гордана Јордановска и Бранка Јордановска

„Ѝ ветиме на мајка ми дека вратите на ресторанот ќе бидат отворени“, раскажува Гордана Јордановска. „Таа сакаше да ја задржи заедницата заедно. Овој ресторан е ,дневна соба’ на Линколн Парк“.

Јелица Јордановска и сопругот Бранко Јордановски по потекло се од поранешна Југославија, односно од села во близина на Националниот парк Маврово, сега Северна Македонија.

И двајцата знаеле како да живеат од земјоделие и да се грижат за својата фамилија: од одгледување добиток, хеклање облека, печење леб и берење овошје и билки. Се запознале на свадба и за кратко време се венчале.

Бранко Јордановски учел за пекар во Белград, Србија, а со својот брат отвориле пекара во еден помл град.

„Имало доволно пари за сол и за вода. Заедно со брат му делеле исто палто“, раскажува Гордана Јордановска.

По некое време Бранко покрај себе ги донел сопругата и децата, а дополнителните раце помогнале бизнисот да се разработи. Првата пекара водела кон втора.

Економската криза и политичките немири во Југославија во 80-тите, и војните во раните 90-ти довеле семејство да побегне во САД, во Чикаго. Бранко добил писмо од братот на Јелица и покана да појде во САД.

„Моите родители оставиле зад себе две веќе познати пекари, домот и нивните семејства за да дојдат во земја каде што не знаеле ни јазик. Биле многу храбри“, раскажува Гордана Јордановска и додава дека во Америка пристигнале речиси со многу малку багаж што го понеле со себе, само четири кутии.

Парот прво работел во ноќните смени на пекарата во сопственост на братот на Јелица Јордановска. За шест месеци заштедиле доволно за да го отворат свој сопствен ресторан во Линколн Парк.

Местото каде што го отвориле ресторанот, претодно било некоја италијанска продавница, а Јордановски самите го реновирале и го прилагодиле за нивите потреби, додавајќи ги и традиционалните дрвени облоги.

За првпат вратите на овој ресторан биле отворени во јануари 1976 година, раскажува Гордана Јордановска.

„Започнале да работат со она што можеле сами да го направат, сендвичи. Печеле леб и правеле сендвичи. Користеле пиперки, домати, копар, магдонос, босилек и коприва… од градината во нивниот двор, го сецкале сопствениот зеленчук, печеле месо и ставале домашен мариниран сос со говедско месо во стилот на Чикаго, раскажува Гордана Јордановска.

„Веруваа во „бавна храна“ и брза услуга. Мислам дека луѓето што доаѓаа овде да јадат, многу го ценеа тоа, но моите родители никогаш не почувствуваа потреба да го коментираат“.

Четирите ќерки на Јордановски пораснале играјќи си со празните кутии од говедско месо, пишувајќи ги и домашните задачи зад шанкот. Тие им помагале на своите родители да примаат нарачки на англиски јазик и работеле 14 часа заедно со нив, дури и во текот на летото додека студирале, вели другата ќерка, Илинка Јовановиќ.

Празниците ги поминувавме заедно со семејството, во трпезаријата на ресторанот, вели Гордана Јордановска и додава дека само што ќе огладнеле веднаш ја палеле скарата.

Јордановски знаеле да ја ценат работата и на своите вработени, Двојката им ја делела храната од кујната на персоналот, кој понекогаш си заминувал доцна навечер. Во меѓувреме биле домаќини на многу фудбалски екипи од Југославија, играорни групи, а подготвувале и традиционални манџи и чорби, какви што се грав, гулаш и супи, уверувајќи ги и жителите на Чикаго „да ги пробаат“.

„Не им беше важно ако недостасувал некоја пара, секогаш имало доволно храна за секого. Така сме воспитани“, вели Гордана.

„Г. Бранко“ и „Мама“ беа второ семејство на многу генерации студенти желни за дома, забележува Гордана Јордановска.

„Мама беше срцето и душата на ова место“, дополни Илинка Јовановиќ. „Таа беше таа која секогаш ја поставуваше масата“.

Семејството Јордановски го подготвувало традиционалниот домашен оброк на местото каде што најмногу можеле да се најдат, во задниот дел од нивната сендвичара.
Но, покрај годините и нарушеното здравје, за одржувањето на ресторанот голем предизвик била и пандемијата што го погоди целиот свет. Ресторанот го затвориле во март 2020 година – а во меѓувреме семејството ја загубила и мајката Јелица.

„Мајка ми доаѓаше овде и многу се нервираше да гогледа ресторанот во мрак“, се потсетува Гордана Јордановска. „Таа не разбра зошто моравме да го затвориме“.

Гордана Јордановска ја поминала изминатата година обезбедувајќи средства за ресторанот, повторно поврзувајќи се со добавувачите на храна и реновирајќи, сето тоа балансирајќи го со нејзиниот бизнис, архитектонското студио во Сан Франциско.

На 5 ноември ресторанот на Бранко повторно е отворен.

Со солзи во очите редовниот гостин Дејв Џонсон се вратил за прпат по затворањето. Тој покажал на столчето каде што секогаш седела Јелица „и разговарала со клиентите“. Гордана Јордановска на ова место поставила мурал на нејзината мајка.

„Никогаш не почувствував дека сум дојден овде да нарачам“, раскажува Џонсон. „Повеќе ми беше за луѓето, отколку за храната. Таа имаше одличен жив дух. Местото секогаш ме исполнуваше“.

Студентките бруцошки Елена Фишер и Нанет Хантер, за првпат ручале кај Бранко, седејќи пред препознатливата традиционална дрвена облога на продавницата, покриена со стари семејни фотографии.

„Студентите повторно ќе дојдат овде“, вели Фишер. Татко ѝ на Хантер, пак бил готвач. Таа многу сака да ги запише рецептите за храната што се готви овде.

Таткото Бранко Јордановски во последните години преживеал мозочен удар, но се уште живее над ресторанот. Децата го симнале долу вечерта на отворањето и тој веднаш „проверил дали сè е чисто“.

„Тоа е прв пат да го видам како се смее по две години“, раскажува Гордана.

Ќерката Гордана Јордановска сака да го спаси и својот бизнис во Сан Франциско и семејниот во Чикаго и затоа седнува на столот на мајка си, обвиткана со старото здолниште и се обидува да ги зготви омилените чорби.

Таа се надева дека некои од нив ќе ги воведе во менито за првпат.

„Нема рецепти. Мама сè мереше со рака. И јас можам, но никогаш нема да биде исто како нејзиното“, вели Гордана и додадава дека се уште го чувствува присуството на мајка си.

извор Brif.mk