Министерството за култура ќе го преземе проектот за реконструкција на Универзална сала, проект кој цела година Данела Арсовска не го довршува, пишува 24 инфо.мк.
Овој проект на претходниот градоначалник Петре Шилегов започна да се реализира пред две години, а пари за него се обезбедени од Владата.
Новиот министер за локална самоуправа Ристо Пенов најави дека Владата на Град Скопје ќе му помогне за уште еден проект, а тоа е подземниот булевар кој треба да помине под објектот Лимак, проект за кој Град Скопје има обврска да го реализира.
На почетокот на годината, Арсовска се откажа и од управување со парното во Скопје, комунална услуга која треба да биде по надлежност на градот, па Владата преку АД ЕСМ го презема парното греење во Скопје.
Иако измина една година од мандатот, Арсовска не може да се пофали со завршен капитален проект, а од пред некој месец се искара со ВМРО-ДПМНЕ, партијата чиј што кандидат беше.
Оттогаш седниците на Советот се одржуваат во тензична атмосфера и речиси не се носат никакви важни одлуки за градот.
Лошите односи внатре во советот дополнително го отежнуваат функционирањето на Градот и тоа во период кога ќе треба да се носи Буџетот за 2023 година, па нема да изненади ако Владата преземе уште некој проект на Град Скопје како на пример мостовите во Карпош и Аеродром или клучката во Момин Поток.