Денес, со почеток во 10.00 во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одршува семинар на тема “ВОВЕДУВАЊЕ НА ОЗНАКИ ЗА ГЕОГРАФСКО ПОТЕКЛО – ИТАЛИЈАНСКОТО ИСКУСТВО, ДОБРИ ПРАКСИ И СТУДИЈА НА СЛУЧАИ” организиран од страна на Амбасадата на Р.Италија, ИТА (Италијанската трговска агенција), Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Р.Северна Македонија во соработка со Едукативниот центар М6.
Целта на семинарот и посетата на италијанските експерти е да се пренесе италијанското искуство во областа на ознаките за заштитено географско потекло. Италија е земја која може да се пофали со најголем број производи со заштитена географска ознака или ознака на потекло, кои претставуваат голем дел од извозот на земјоделско-прехранбени производи, меѓу првите во светот.
Во Европската Унија, а неодамна и во Република Северна Македонија, постои механизам за заштита на овие производи од имитација и злоупотреба на нивното географско име со цел да се зачува автентичноста на производите, како и да се заштитат потрошувачите.
Во Република Северна Македонија постојат области и региони познати по нивните специфични земјоделски и прехранбени производи или нивните традиционални јадења и специјалитети. Овие производи често се добиваат од автентични суровини од растително или животинско потекло, или имаат специфичен начин на производство, рецепт или уникатна подготовка. Некои од нив се мариовско сирење, беровско сирење, преспанско јаболко, росомански праски, охридски цреши, тетовски грав, беровски компир, итн.
Законот за квалитет на земјоделските производи во Р.Северна Македонија е донесен во 2010 година, и истиот е усогласен со Европската регулатива 1151/2012. Еден дел од Законот се однесува на регистрација и заштита на називот на земјоделските и прехранбените производи со ознака за потекло, географска ознака и ознака за гараниран традиционален специјалитет.
Сепак, досега регистрирана е само една географска ознака на национално ниво, “ОХРИДСКА ЦРЕША“. Во процес на регистрација е “ПРЕСПАНСКО ЈАБОЛКО“, “Буковска пипер“, македонско јагнешко од праменка Овчеполка“, “Мариовски мед“, “Мариовско биено сирење“, и “Беласички костенов мед“.
Зошто во Р. Македонија оди бавно воведувањето на ознаките на географско потекло? Какви процедури, механизми и тела треба да постојат за процесот да биде лесен и достапен за производителите?
Семинарот е можност да се слушнат искуствата на италијанските експерти – др. Емилио Гато и др. Мауро Росати – за практичната примена на овој модел во Италија.