Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Македонија

Маричиќ: Владата работи на воведување европски стандарди за подобро здравје и подобар квалитет на живот на граѓаните

Во организација на Секретаријатот за европски прашања денеска се одржа втора панел-дискусија за кластер 4 – „Зелена агенда и одржлива поврзаност“ во рамки на пакетот настани „На европски пат: нови реформи, нови можности“, која со поздравно обраќање беше отворена од заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.

– Дека имаме стабилен континуитет во вкупната подготвеност на земјата и одржливи реформи – имаме, тоа е факт кој треба да ни даде поттик да го задржиме односно да му дадеме нова динамика, особено сега кога сме во фаза на скрининг процес, рече Маричиќ додавајќи дека Владата е посветена на реформите, бидејќи нивната цел не е само членство во Унијата, туку уредена и стабилна Северна Македонија, со силни демократски институции кои работат врз европски принципи и стандарди.

За Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање и координатор на Кластер 4, раководењето со Кластерот 4 – Зелена агенда и одржлива поврзаност од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање упатува „јасна порака дека Владата на Република Северна Македонија даде приоритет на заштита на животната средина, климатските промени и зелената транзиција. Зелената транзиција што се бара со Зелената агенда треба да обезбеди економски развој почитувајќи и адресирајќи ги истовремено климатските промени и исполнувајќи ги потребите за енергија. Сметам дека токму европските интеграции и проговорите за пристапување кон ЕУ ќе бидат сигурен инструмент за исполнување на барањата од Зелената агенда“, рече министерот Нуредини.

Министерот за транспорт и врски, Бочварски, на панелот истакна дека Коридор 8 е предизвик и нешто на што се силно фокусирани во овој период, бидејќи Владата има цел со регионалните партнери Бугарија и Албанија, а во овој контекст и Италија, овој Коридор да го позиционира во единствениот Коридор на Западен Балкан.

Заради тоа инвестициите само во железничката мрежа достигнуваат преку 1 милијарда евра. Ова беше и тема на која пред два дена на Министерскиот совет во Брисел разговаравме со колегите министри и од Еврокомесарката за транспорт, Валеан, побаравме финансиска поддршка од ЕУ фондовите во оваа фаза на преговори. Во делот на Кластерите за зелена агенда и одржлив транспорт ја ставивме во функција и алатката е-Транспорт со која даваме граѓанска контрола во меѓународниот и внатрешниот превоз на патници, посочи Бочварски.

За важноста од вложувањата во енергетскиот сектор и сигурното снабдување на енергија, како приоритетни инвестиции за раст на економијата и придвижување кон зелената агенда, на панелот зборуваше и директорот на Агенцијата за енергетика, Дарио Николовски.

Во своето обраќање Николовски се задржа на енергетската политика за привлекување инвестиции за изградба на енергетски објекти и зголемување на искористувањето на обновливите извори на енергија односно инвестирање во зелена енергија која ќе придонесе во заштита на животната средина и ублажување на климатските промени.

Директорот Николовски исто така напомена дека Агенцијата за енергетика спроведува, следи и анализира ефекти од спроведените мерки и активности дефинирани во енергетската политика на Владата, за зголемување на енергетска ефикасност и искористување на обновливите извори на енергија.

„Нашите цели се да ја подобриме енергетската ефикасност од 32,5% до 2030 година, да го зголемиме процентуалното учество на обновливите извори на енергија во бруто-финалната потрошувачка на енергија од 32% до 2030 година, и да ги намалиме емисиите на стакленички гасови од 40% до 2030 година“, појасни Николовски.

Предавачката на Школата за Бизнис на Копенхаген, Г-ѓа Олимпија Х. Заевска,  рече дека со Ковид-19 и војната во Украина стана јасно колку е зелената транзиција важна и неопходна.

– Инвестициите во позеленување на јавниот и приватниот сектор не само што носат поквалитетен живот, но го оптимизираат користењето на природните ресурси, градат отпорност на економиите, и можеби најважно – носат финансиски поврат, додаде Заевска.

Главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ рече дека реализацијата на европската реформска агенда не е само обврска кон ЕУ и преговорите за членство во Унијата, туку дека тоа е должност и обврска кон граѓаните.

За него сите кластери и поглавја се важни и имаат своја посебна тежина, но посочи дека овие две се посебно актуелни теми оваа година поради сите нарушувања на светскиот пазар на енергенси, но и кризата со храна, предизвикани од војната во Украина.

– Скоро секојдневно во фокусот, како кај нас така и во Европа се зелената транзиција и обновливите извори на енергија, како и унапредувањето на животната средина, сложени прашања кои се од животно значење за граѓаните. Целта е да им обезбедиме предуслови за подобро здравје, подобар квалитет на живот на граѓаните и конкурентна економија преку воведување и имплементација на високите стандарди на ЕУ, рече Маричиќ.

Знаеме дека обврската што ја преземаме е тешка, но ја знаеме и која ни е целта: развој, просперитет, европска економија, европски пазари, европски животен стандард за граѓаните, до крајот на 2030. Амбициозна, но достижна цел, која бара посветеност и ангажман од сите општествени чинители на овој национален проект.

Во продолжение на нејзиното обраќање Заевска порача дека не смееме да пропуштаме добро структурирани инструменти што ни носат енергетската ефикасност, третирањето на отпад, чиста енергија и градењето на отпорност на нашата инфраструктура а воедно економски развој и дека време е ваквите проекти да добијат врвен приоритет, а со тоа и сериозно да вложиме во капацитетот на институциите да дизајнираат, имплементираат и користат средства за истите.

Денешната панел-дискусија е организирана со поддршка на Кралството Шведска преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“ кој го спроведува Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги УНОПС.