Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Македонија

Уставниот суд поведе постапка за Одлука со која е донесен ДУП од Советот на општина Центар во 2014-та година

Уставниот суд на денешната седница одлучи да поведе постапка за Одлуката за донесување на ДУП од Советот на општина Центар од 18 јули 2014-та година. Согласно дискусијата основната причина поради којашто Судот се одлучи за поведување на постапка е дека оспорената Одлука не била донесена со потребно мнозинство, согласно Законот за локална самоуправа. Информираме дека ова е прва фаза кога Судот формално-правно изразува сомнеж во уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на ДУП-от кој се однесува на Градска четврт Ј 07. Решението за поведување постапка ќе биде доставено на Општина Центар како доносител на актот и треба да се изјасни во одреден рок, по што советникот и судијата-известител ќе го напишат конечниот предлог кој треба да се разгледа и одлучи на седница на Уставниот суд.

Оспорена одредба: Одлука за донесување Детален урбанистички план Градска четврт J 07 локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара број 07-4414/4 од 18.07.2014 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, објавена во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје број 9/2014, во делот за КП 490/2, КП490, КП493, КП 496/3, КП 498, КП 502, сите на КО Центар 2, кои се наоѓаат на ул.Козара-Капиштец.

Подносител на иницијативата: Томе Симоновски

Oд наводите во иницијативата:

Во иницијативата и во дополнувањето на иницијативата, Советот на општина Центар на 23-та седница која e одржана на 18 јули 2014 година, ја донел оспорената одлука спротивно на член 62 став 2 од Законот за локална самоуправа и истата не е донесена со потребното мнозинство гласови предвидени во наведениот член од Законот. Имено, на седницата на Советот на која се постапувало по оспорената одлука биле присутни 12 членови од вкупно 23 членови на Советот на општина Центар-Скопје, при што „за” гласале 11 членови, а само 1 гласал „против”. Подносителот на иницијативата смета дека при донесувањето на оспорената одлука не се испочитувани одредбите од Законот за локалната самоуправа, бидејќи не е обезбеден елементарниот минимум од неопходни 12 гласови „за” колку што според Законот за локална самоуправа се потребни, за полноважно донесување на прописи, односно одлука за урбанистички план. Во иницијативата е наведено дека оспорената Одлука е во спротивност со член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија бидејќи владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок, која во конкретниот случај е повредена бидејќи Советот донел одлука без потребното мнозинство гласови.