13.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

„Бреговите на Драгор во Монастир“ – диптих на ѕидовите во општина Битола

Голема репродукција, составена од две дела на францускиот уметник Жан Пејрисак (1895-1974) е поставена во внатрешноста на битолската општинска зграда и претставува фрагмент од животот во Битола за време на Првата светска војна.
Амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер и градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, на свеченоста во општина Битола, го открија уметничкото дело насловено „Бреговите на Драгор во Монастир“ изработено од францускиот уметник Жан Пејрисак (1895-1974), во време кога тој бил дел од француската армија во 1917 година, за време на Првата светска војна на Македонскиот фронт. Пејрисак е претставник на француската модерна уметност од 20 век, а во неговите дела има и елементи на кубизмот.

„Ова дело е симбол на пријателството меѓу нас. Таа приказна за нашето пријателство е долга, но станува уште подлабока и почовечка. Фреската е составена од репродукции на дела кои ја претставуваат старата битолска чаршија и бреговите на Драгор. Жан сакал да студира медицина, но започнала војната и се пријавил како доброволец, а во 1917 година бил испратен на Македонскиот односно Солунскиот фронт во Солун и Битола. Преку оваа фреска Жан повторно се врати во градот со кој толку многу бил поврзан“, рече францускиот амбасадор Бомгартнер.

„Ова е уште една потврда за нашата соработка во делот на културата и уметноста. Ова дело потекнува од 1917 година и отсликува еден мошне значаен период за Битола. Верувам дека ќе претставува вистинска атракција за многу гости кои ќе ја посетат Битола и ќе сведочи за добрата меѓународна соработа која ја негува општината“, истакна градоначалникот Коњановски.

Репродукцијата е откриена по повод празнувањето на 104 годишнината од крајот на Првата светска војна. Авторските права за делата се отстапени лично од семејството Пејрисак, чија внука Стефани, посочи дека сеќавањето на нејзиниот дедо од средбата со македонскиот народ ќе бидат присустни во очите на многу посетители преку ѕидовите во битолската Општина. Репродукцијата ја направи уметничкото ателје Солак, а иницијативата за проектот ја даде историчарот од Франција Ерик Алан.

По свеченоста на промовирање на диптихот „Бреговите на Драгор во Монастир“, во киното Манаки се одржа мултимедијален хепенинг „Битола некогаш и сега, фрагменти“, на кој настапија ученици од битолските средни училишта и членовите на Француската алијанса во Битола.

Спонзорирано: