22.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Средба Османи-Ландсбергис

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес (9 ноември), во рамки на регионалната посета на Балтичките земји, оствари средба со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи Република Литванија, Габриелиус Ландсбергис.

Возвратната посета на Литванија се реализира на покана на литванскиот министер Ландсбергис, кој е воедно и домаќин на Вториот форум на високо ниво за иднината на демократија, што се одржува во Вилнус.

На средбата, беше потврден динамичниот политички дијалог кој оваа година резултира со две билатерални посети во Скопје и Вилнус и претставува охрабрување за градење поблиски односи и партнерство. Во изминатите три децении, споделувајќи заеднички европски вредности, Северна Македонија и Литванија посветено градат мостови на пријателство и соработка, но и бараат решенија за справување со заедничките предизвици.

Министерот Османи се заблагодари за конзистентната и јасна поддршка на Република Литванија во однос на европската интеграција на нашата земја, како и за артикулирање на потребата од стабилен и демократски Западен Балкан и негово што поскоро пристапување во Европската Унија.

„Фактот што Литванија е дел од групата на пријатели на проширувањето е многу значаен и охрабрувачки за Северна Македонија“, потенцира Османи.

Во овој контекст, министерот Османи брифираше за тековниот скрининг процес, како особено значајна фаза во процесот на пристапните преговори со Европската Унија, како и за активностите кои престојат во наредниот период.

Истовремено, новата динамика на гео-политички случувања, како последица на војната во Украина, наметнува силна потреба од единство и поблиска соработка меѓу Европската Унија и Алијансата.

„Зајакнувањето на Источното крило на НАТО Алијансата и нашата обединетост како НАТO сојузници во однос на одвраќање и одбрана на секоја педа од територијата на земјите членки на НАТО е придонес кон глобалната, регионалната и безбедноста на секоја поединечна земја“, истакна Османи.

Министерот Ландсбергис изрази уверување и подготвеност дека Литванија ќе продолжи силно да ја поддржува Република Северна Македонија, со уверување дека европските интеграции се силна движечка сила на реформските процеси бидејќи поттикнуваат позитивна промена, просперитет и стабилност. Ландсбергис брифираше за состојбите во Балтикот и безбедносните ризици во непосредно соседство, предизвикани од руската агресија врз Украина, при што ја реафирмира потребата од едногласна солидарност за подршка на украинските граѓани кои се борат за слобода, дома, но и пошироко. Во овој контекст, Литванија го реафирмира ставот дека целосната усогласеност на Северна Македонија со Заедничката и надворешна безбедносна политика на ЕУ за примена на санкциите кон Русија високо се цени од официјален Вилнус, како чекор кој го потврдува нашето единство и солидарност.

Двајцата министри разменија мислења за развојот на состојбите во Западниот Балкан, како и за неодложната потреба од дијалог и меѓусебно почитување за изнаоѓање на прифатливи решенија за затворање на отворените прашања. Министерот Османи брифираше и за идното претседавање на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, изразувајќи надеж за блиска соработка и поддршка од пријателска Литванија.