Тој ја искористил законската можност, па побарал да се спојат двете казни и од судот побарал спојување на двете казни во една, која мора да биде пониска од двете казни заедно, па му одобрил намалување на вкупната казна за четири месеци, објави „Призма“
Бизнисменот Јордан Камчев побара, а судот му одобри спојување на двете затворски казни за предметите на обвинителката Лиле Стефанова, „Империја“ и „Плацови на Водно“, објави „Призма“.
Во „Империја“ Камчев се спогоди и доби една година затвор, додека во судскиот процес за „Плацови на Водно“ во април годинава тој беше осуден, исто така, на една година. За оваа пресуда тој не се жалел со што истата станала правосилна.
„Тој ја искористил законската можност, па побарал да се спојат двете казни и од судот побарал спојување на двете казни во една, која мора да биде пониска од двете казни заедно, па му одобрил намалување на вкупната казна за четири месеци. На таа одлука на судот јавното обвинителство не се жалело“, објави „Призма“.
Камчев досега ја издржуваше само затворската казна за „Империја“. Спогодбата тој ја постигна кон крајот на април годинава, а покрај затворската дел од казната беше и од неговите фирми да уплати 5,2 милиони евра во УЈП.
Тој првично требаше да почне да ја издржува казната на 1 јуни годинава во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, но во меѓувреме ја промени адресата на живеење од Скопје во Охрид со што надлежен за извршување на санкцијата стана охридскиот суд. Со промената на адресата, тој си овозможи наместо во Скопје, казната да ја извршува во Казнено-поправниот дом (КПД) во Струга каде затворениците имаат право да одат на работа и да се враќаат во затворот попладне, како и да користат викенд, годишен одмор.