22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

По Софија, Османи на балтичка турнеја на средби со Ландсбергис, Реинсалу и Ринкевичс

По дводневната посета на Република Бугарија, на агендата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, е балтичката турнеја.

Oд утре до петок (9-11 ноември 2022) во Вилнус, Талин и во Рига, Османи ќе се сретне со министрите за надворешни работи – Ландсбергис, Реинсалу и Ринкевичс, при што ќе ја реафирмира нашата поддршка за зајакнување на источното крило на НАТО во одбрана на европскиот континент како последица на променетиот геополитички контекст, ќе го промовира европското досие на Северна Македонија, која поминува низ скрининг-процесот на Унијата, и приоритетите на претседавањето на земјата со Организацијата за безбедност и соработка на Европа.

Во рамките на утрешната официјална посета на Република Литванија, министерот ќе се сретне со својот колега Габриелиус Ландсбергис и со спикерот на Сејмот, односно Собранието на Литванија, Викторија Ниелсен. Османи исто така ќе се обрати на „Вилнус форумот 2022“ – „Иднината на демократијата“, на панелот на тема „Што ќе ја замени раздробената глобална безбедносна архитектура?“ Се планира и посета на НАТО-центарот за извонредност за енергетска безбедност (NATO Energy Security Centre of Excellence).

За време на официјалната посета на Република Естонија в четврток, Османи ќе се сретне со министерот за надворешни работи, Урмас Реинсалу, како и со спикерот на естонскиот законодавен дом, Јури Рутас. На маргините на престојот во Талин се планира посета на Естонскиот центар за меѓународен развој и на НАТО-центарот за извонредност за соработка во сајбер-одбраната (NATO Cooperative Cyber Defence Centre of Excellence).

В петок Османи ќе престојува во работна посета во Република Латвија, при што ќе оствари средба со министерот за надворешни работи, Едгарс Ринкевичс, како и со претседателот на собраниската комисија за надворешна политика, Рихард Колс. Меѓу другото, се планира и средба со војниците од Северна Македонија, кои се дел од словенечкиот контингент.