Во рамките на работната посета на Софија, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со лидерите на главните политички партии, претставени во Народното собрание на Република Бугарија: Бојко Борисов од ГЕРБ, Кирил Петков од Продолжуваме со промената, Мустафа Карадај од Движењето на правата и слободите, Корнелија Нинова од Бугарската социјалистичка партија, Христо Иванов од Демократска Бугарија и Стефан Јанев од Бугарски подем.
На средбите се разговараше за теми поврзани со билатералните односи меѓу двете земји, обврските што произлегуваат од договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и за начините како да се адресираат отворените прашања што ги засегаат двете соседни држави, во интерес на нашите граѓани и нивната европска иднина.
„Без разлика на предизвиците, Северна Македонија и Бугарија мора да продолжат да ги негуваат блиските односи и соработката во духот на европските вредности. Тоа го очекуваат и граѓаните на двете земји, но и нашите партнери и сојузници. Покрај нашето сојузништво во НАТО, нам нѐ очекува и партнерство во Европската Унија, но без разлика, ние сме, пред сѐ, добри соседи и нашата амбиција не треба да биде ништо помалку од стабилно и долгорочно пријателство“, посочи Османи.
Покрај билатералните односи, на средбите се разговараше и за актуелните геополитички предизвици и за сојузништвото во НАТО, справувањето со енергетската криза, но и можностите за продлабочување на позитивниот тренд во економската соработка.