Сосема е едноставно да се препознаат првите промени предизвикани од овој редок вид на рак. Затоа, секој маж треба редовно да ги чувствува тестисите.
Само 1,6 отсто од сите тумори се рак на тестисите. Но, за оние кои добиваат таква дијагноза, тоа прво доаѓа како шок. Просечната возраст на пациентите е меѓу 25 и 45 години, но загрозени се и момчињата во пубертет од четиринаесетгодишна возраст.
За овој тип на рак важи истото како и за другите – колку побрзо се препознае, толку се поголеми шансите за лекување. Во околу 80 проценти од случаите, овој рак го откриваат самите пациенти во раните фази. Германското здружение за урологија ги советува мажите на возраст од четиринаесет до четириесет и пет години да ги проверат тестисите и доколку забележат грутки или тврди отоци, веднаш да одат на лекар. Проверката треба да се прави еднаш месечно, а уште подобро – еднаш неделно.
Покрај тоа, чувството дека тестисите се тешки може да биде симптом на оваа болест. Некои пациенти се пожалија и на болки во грбот и вратот. Ваквите болки ретко се поврзуваат со рак на тестисите.
Што предизвикува рак на тестисите?
Ракот на тестисите обично започнува во еден тестис. Фактор на ризик за појава на болеста е покачен тестис – не се наоѓа таму каде што треба анатомски. Таканаречениот неспуштен тестис се наоѓа кај приближно три проценти од машките бебиња. Во ембрионалниот развој, тестисите, кои прво се формираат во долниот дел на абдоменот, не се спуштале сами во скротумот во тој процент на момчиња. Ако тоа се утврди, потребна е хормонска терапија или операција. На првиот роденден на бебето, двата тестиси треба да бидат во правилна положба, инаку се зголемува ризикот од рак на тестисите.
Исклучок се предвремено родените деца. За нив е нормално што тестисите се уште не се на своето место, бидејќи оваа фаза на развој доаѓа релативно доцна, па тестисите можат сами да се спуштат. Ракот на тестисите е исто така поврзан со генетски склоности. Ако таткото или братот веќе имале рак на тестисите, тогаш ризикот е зголемен. Истражувањата покажуваат дека влијанието на околината не е пресудно за појава на овој вид рак.
Како се третира
Во хируршката процедура се отстранува заболениот тестис. Доколку болеста се препознае во рана фаза, шансите за целосно излекување се 100%. Во подоцнежната фаза тие изнесуваат 70 проценти. И покрај сите предрасуди, овој тип на операција не доведува до импотенција или неплодност кај мажите. Дури и првобитниот изглед на тестисите се враќа со вметнување силиконски имплант.
По хируршкото отстранување на тестисите, следува зрачење и хемотерапија. Ова води до познати несакани ефекти како што се губење на косата, исцрпеност и зголемен ризик од инфекции.
Во октомври, стручното списание The Lancet објави швајцарска студија, во која беа опфатени 116 пациенти со рак на тестисите. Резултатите покажуваат дека со оптимална комбинација на хемотерапија и зрачење, делот од телото што треба да се озрачи се намалува за 75 проценти. Овој метод на лекување произведува помалку несакани ефекти.
Институтот Роберт Ко проценува дека годишно во Германија 4.200 луѓе заболуваат од рак на тестисите. Во 2019 година од оваа болест починале 160 лица. Доколку ракот повторно се појави по терапијата, овие таканаречени релапси обично се случуваат во рок од две години по завршувањето на терапијата. Но, евидентирани се случаи на повторување на болеста и по пет години.
Сепак, 96 проценти од пациентите се без никакви симптоми пет години по првата дијагноза и терапија. Предуслов за таков лек е откривање на болеста во рана фаза. Затоа е толку важно самопрегледот на тестисите со редовна палпација.