23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Османи на економски форум во рамките на ЦЕИ во Софија: “Неопходна е регионалната заложба на земјите од ЦЕИ за економско закрепнување и натамошно обезбедување на поддршка за Украина”

Во рамките на престојот во Софија, министерот за надворешни работи Бујар Османи се обрати на економскиот форум организиран во рамките на Централно Европската иницијатива, на панелот “Поддршка на Украина и решавање на пошироките економски последици од војната во регионот на ЦЕИ“.

Акцентот на учесниците беше ставен на економската и инфраструктурната реконструкција на Украина и како иницијативите како ЦЕИ може да помогнат, со цел справување со пошироките економски последици од војната, промовирајќи го економското и социјалното закрепнување.

Посочувајќи на конкретната помош упатена од Северна Македонија до Украина, во своето обраќање пред присутните на форумот, Османи нагласи дека „едногласната солидарност на секоја држава поединечно, но и на сите земји-членки на ЦЕИ заедно, ги нагласува основните принципи на слободата и демократијата, токму оние принципи за кои се борат украинските граѓани и држава денес“.

Тој се осврна на економските последици од војната и зголемените цени на храна и енергија, при што нагласи дека диверзификацијата на енергетските ресурси, како и енергетската и прехранбената безбедност треба да бидат клучните прашања околу кои треба да се фокусираат заедничките напори.

Османи се осврна и на економските односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, кои оваа година имаат значајно зголемување на трговската размена од цели 52 отсто наспроти истиот период минатата година.

На настанот учествуваа и министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков, генералниот секретар на ЦЕИ Роберто Антонионе и други.