22.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Јусуф, Никола и ние

Пишува: Ана Чупеска

Изминативе неколку недели нашето секојдневие е драматично динамизирано од реалното вознемирување поради се почестите лажни дојави и закани за поставени бомби во средните училишта низ Скопје. Не треба да сме некои не знам какви експерти за борба против тероризам или за безбедност за да сфатиме дека ваквиот тип на дејствување е класичен хибриден напад.

Со едно обично интернет пребарување на Google, секој од нас може да утврди дека целта на овие напади е да се таргетираат и онеспособат политичките институции, да се влијае на јавното мислење, да се поткопа безбедноста на граѓаните, да се дестабилизира, да се исцрпуваат безбедносни ресурси, да се внесе немир во нашите животи…

Притоа, Македонија не е некој посебен исклучок кон кој се насочени овие хибридни напади т.н. лажни дојави за бомби (hoax bomb threats). Напротив, на ваков тип напади масовно се изложени и соседни земји – како на пример Србија, а и подалечни како Нов Зеланд, Канада, САД, Германија итн. А, како што пишува Wall Street Jоurnal, особено се зголемени во периодот по отпочнувањето на актуелната војна и Украина која се чини е најпогдена од ваквите напади – како во интензитет така и во зачестеност.

Како и да е, мотивите за нападите можат да бидат различни но, сепак, заедничко на сите им е тоа што рефлектираат и продуцираат несигурност во целото општество. Оттука убедена сум дека, целото општество, сите ние, треба да сме свесни за ова важна работа, па неопходно е, да делуваме максимално одговорно и совесно. Секако дека РСМ, како земја членка на НАТО имаме и обврска за сериозен пристап кон овие напади согласно НАТО стратегијата за справување со сајбернападите. Но, сепак, особено треба да се се нагласи дека не се само безбедносните структури тие кои треба да одговорат на овие современи предизвици, туку секој од чинителите во нападнатите општества, особено политичките чинители!

За жал, кај нас ова не е така затоа што, како што можевме да посведочиме, овие неприлики поврзани со хибридните напади, некои од нашите уважени политичари ги искористија за политикантство, за билдање на своите рејтинзи. Да се напаѓа полицијата за начинот на кој се справува со заканите, а при тоа единствен “аргумент” да биде дека осомничениот бил неколку часа во полициска станица затоа што е “уредник на портал”, во најмала рака неодговорно! Тука, би сакала да истакнам, дека за Никола – Боемот, исто како и за ЈУСУФ од ЈСП, се утврди дека немаат поврзаност со хибридниот напад. Обајцата, и Никола и Јусуф, се на некој начин првостепени жртви на нападот – од причина што нивните креденцијали се злоупотребени! Оттаму, веројатно и истрагите довеле до нив – а не заради бунтот во ЈСП, или заради конзервативната идеологија!

Како првостепени жртви, Јусуф и Никола се подеднакво важни заради злоупотребата на нивните креденцијали од страна на напаѓачите. Но, за Јусуф од ЈСП ни збор не беше изустен, додека сосема спротовно: на името на Никола, се гради сега една крајно дрска кампања – за наводен “прогон на неистомисленици” само за да се поентира на дневнополитичко ниво, што за жал им оди во прилог на оние чија цел е земјата да се дестабилизира!

Ако тоа не можат да го видат гласноговорниците на оваа валкана кампања, тогаш ми се чини дека или им нема помош, или недајбоже се влезени во опасна игранка. Зошто, истите тие не изустија ни збор за приведувањето на Јусуф од ЈСП? Да потсетам , денот кога тој беше приведен во посета на РСМ беше Урсула Вон Дер Лајен …

Зарем овие гласни и дрски кампањери не разбираат дека и Јусуф, и Никола, и сите ние сме таргет на овие сериозни закани?

Зарем не разбираат дека за сите нас е предизвик начинот на кој ќе се одбраниме од одвие напади?

Со ова, би сакала да замолам што побрзо оваа тема да биде многу јасно дистанцирана од дневната политика; да замолам за сериозност и за одговорност во пристапот на сите политички чинители, од едноставна причина што заканите не се упатени кон поединци, туку се упатени кон безбедноста на целата држава, а рефлектираат врз слободата на граѓаните долж сите слоеви на општеството, долж идеолошките спектри, долж етничките идентиети… Да бидеме мудри и одговорни и да не им правиме атер на злите напаѓачи, особено не денес кога на нашата северна граница е засилена безбедносната динамика, особено не во услови на војна во која јасно сме профилирани и позиционирани.

извор: Либертас.мк

Спонзорирано: