Во присуство на голем број министри, владини и партиски претставници, пратеници, во Струга официјално беше пуштена во употреба новата општинска зграда.
Администрацијата на Општина Струга се пресели во реновираниот објект на поранешното основно училиште „Браќа Миладиновци“, а во старата општинска зграда, како што информираше градоначалникот Рамис Мерко, ќе бидат префрелни службите на централни и локални институции.
Со преселувањето во новата зграда, локалната администрација, нагласи, ќе добие подобри услови за работа, а тоа, според него, ќе овозможи и подобри услуги за граѓаните на општина Струга.
– Овој град, кој секојдневно е развива, има уште потреба за овозможување подобри услови за работа и на други институции, кои се сместени во бараки. Имаме решенија, има многу државни објекти кои се оставени на милост и немилост бараме да се отстапат на општината, а ние да ги реновираме и уредиме во полза на институциите, посочи Мерко.
На официјалното отворање присуствуваа првиот вицепремиер и министер за политички системи и односи меѓу заедниците Артан Груби, министрите за локална самоуправа Ристо Пенов, за образование и наука Јетон Шаќири, лидерот на ДУИ Али Ахмети, генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ и пратеникот од СДСМ, Јован Митрески.