23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Ковачевски од Кавадарци: Додека Владата се труди да обезбеди финансии, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ блокираа 100 милиони евра од ЕБОР

„Европската банка за обнова и развој, достави информација дека го сопрела заемот што требаше да го земе Македонија за справување со енергетската криза во вредност од 100 милиони евра. Само затоа што законот за негово одобрување предолго е блокиран во парламентот од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Ете тоа е разликата помеѓу нас и нив, помеѓу мене и Мицкоски“ изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина во Кавадарци.

Тој додаде дека додека владата се труди и обезбеди 80 милиони евра од ЕУ директна помош за енергетската криза и 100 милиони долари од САД за Армијата, Мицкоски блокираше 100 милиони евра во време на криза.

„Да не ги споменувам овде средствата од ММФ од 530 милиони евра, од Ерсте 50 милиони, од Дојче Банк во висина од 250 милиони, пари кои се справување со енергетската криза и за поддршка, за антикризните мерки за ранливите и компаниите“ рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ кажа дека и се што кажа Мицкоски за енергетиката изминатиот период излезе погрешно. Тој со месеци ја плашеше јавноста дека ќе има недостиг од енергенси и струја, дека ќе нема јаглен, а наспроти тоа државата се снабдува со 100 отсто струја од домашни капацитети.

„Мицкоски повикуваше да се набави гас за целата грејна сезона, во период кога цените на овој енергенс рушеа рекорди. Според неговите препораки ќе се платеа 100 милиони евра плус сметајќи по сегашната цена на берзите, а која и натаму паѓа. Мицкоски лажеше, и се уште лаже дека ќе сме ја затварале РЕК Битола, дека ќе се случела енергетска анексија. Не само што нема да се затвара РЕК, туку ќе се развива и понатаму. Фотоволтаичните централи и енергетската трансформација е започната. Ама за да го видиш сето ова треба прво да имаш знаење, а второ да имаш визија“ кажа Ковачевски.