Денеска во Ресен пред земјоделците од овој регион, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со директорот на Агенцијата за финасиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски и државниот советник во министерството, Трајан Димковски, го претставија новиот предлог модел за субвенционирање во земјоделството.
Новиот предлог модел се гради заедно во консултација со земјоделците, со нивна директна вклученост преку Агро Советот, како и преку постојаните подсекторски групи.
Поддршката која досега ја добиваа земјоделците со новиот предлог модел не се крати, туку истата се реорганизира во повеќе различни програми за поддршка.
„Со новиот модел за субвенционирање, што денес го презентираме пред вас, нудиме одговори и решенија за сите досегашни проблеми со кои се соочуваа земјоделците. Имаме подготвено модел со кој навремено ќе ја добиете поддршката и кој гарантира резултати. Наш главен фокус со новиот модел е вистинскиот земјоделец, чија основна дејност е токму земјоделството, овозможувајќи нови мерки за поддршка, но и предност при добивање на истата. Ова е голема и многу значајна земјоделска реформа, преку која стратешки го насочуваме домашното земјоделство кон оние култури кои се позначајни за државата и на долг рок гарантирме стабилна обезбеденост со храна, пред се од домашно производство, но и намалена увозна зависност на државата од стратешките култури“, истакна министерот Николовски на средбата со земјоделците во Ресен.
Земјоделците преку новиот модел за субвенционирање добиваат авансна исплата на 30% од субвенциите. Оваа 2022 година авансната исплата на субвенциите ја започнуваме токму со исплатата кон овоштарите, како пилот проект, а веќе од следната 2023 година авасно ќе се исплаќаат субвенциите кон сите земјоделци.
„Поддршка со новиот модел за субвенционирање добиваат сите земјоделци, разделувајќи ја поддршката како основна и дополнителна субвенција, а посебен фокус ставаме на значајните култури и производи за државата. Заедно со подсекторските групи ја утврдивме листата на значајни култури и производи за секој земјоделски сектор. Основната субвенција ја добиваат сите земјоделци и таа авансно ќе се исплаќа во висина од 30%, а наменета ќе биде за одржување на земјиштето во обработлива состојба. Дополнителните 70% од субвенциите се поврзани со остварен принос, но и предавање на производството во регистрирани домашни капацитети“ истакна на средбата Трајан Димковски, државен советник во министерството.
Дополнителна субвенција ќе добијат и земјоделците кои обработуваат стратешки култури, а своето производство го користат за сопствени потреби создавајќи финален производ. Како значајни култури кај овоштарството, со подсекторската група се утврдени јаболкото, праската, слива, вишна, цреша, кајсија, круша, јапонското јаболко и лешникот.
„Земјоделците добиваат нова мерка за поддршка и модернизација на земјоделството. Мерката бизнис план во земјоделството е нова мерка која ќе биде отворена во текот на цела година и наместо земјоделците да чекаат конркетна мерка за поддршка во набавка на трактор, комбајн или друг вид опрема, сега ќе можат сами, тогаш кога тие ќе се подготвени, да спремат бизнис план и да аплицираат. Дополнително со новата ИПАРД 3 програма во наредните 7 години ставаме на располагање 210 милиони евра средства наменети за инвестиции, за кој исто така обезбедуваме можност за авансна исплата до 50% од поддршката“, истакна на средбата директорот на АФПЗРР Никица Бачовски.
Уште една нова програма која се креира како дел од новиот модел за субвенционирање е и програмата за откуп на свежо овошје, зеленчук, млеко и млечни производи. Програма со која го поттикнуваме откупот на домашни земјоделски производи, но и обезбедуваме здрава ужинка за учениците во основните училишта. За оваа 2022 година веќе обезбедивме 20 милиони денари, обезбедувајќи откуп на јаболка и ужинка за 186.000 ученици од 350 основни училишта во државата.
Земјоделците од Ресен дадоа поддршка за новиот предлог модел, заедно создаваме модел за субвенционирање, прифатлив од земјоделците, побрз и поефикасен.