Изминатиот викенд во Јавна Соба се одржаа стручните разговори во рамките на изложбата “Проѕирниот човек”, на Гете-Институт Скопје. Разговорите под име „Родителство во дигитален свет – надежи и стравови во однос на влијанието на технологијата врз младите” ги водеа стручни лица, а од другата страна беа родителите на деца кои секојдневно користат интернет и со тоа се движат во дигиталниот свет.
Горливите прашања беа: како да препознаат родителите дали децата им се изложени на сајбер-булинг, кои се придобивките од дигитализацијата и како влијае на комуникацијата меѓу родителите и децата, како да се препознаат лажните вести и кои се последиците врз животот на младите, како родителите да го регулираат времето поминато на мобилни уреди од страна на децата како и да обрнат внимание на онлајн-сигурноста на децата.
Стручните разговори ги водеа Арбен Гудачи – експерт за заштита на податоци, проектен менаџер и правник, Радмила Живановиќ – акредитиран психолог и психотерапевт на EAGT – Европската асоцијација за гешталт терапија и EAP- Европска асоцијација за психотерапијa, како и Владимир Петрески – Фондација Метаморфозис, Уредник на македонскиот Сервис за проверка на факти од медиумите со обемно искуство во проверка на факти и справување со лажни вести.