Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на првиот ден од Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан посветен на областа Внатрешни работи, кој се одржува во Тирана, имаше свое обраќање на првата сесија насловена „Соработка во справувањето со безбедносното влијание од руската воена агресија против Украина“.
„Руската воена агресија над Украина во овој момент нема директна рефлексија на состојбите со организираниот и сериозниот криминал во нашата држава. Сѐ уште е мал бројот на украински бегалци и семејства кои побарале засолниште во Република Северна Македонија, за разлика од соседните земји на Украина, пред сѐ земјите членки на ЕУ. Од војната во Украина, главно, се чувствуваат секундарните ефекти, односно индиректните последици. Во МВР постојано се следи целокупната ситуација во однос на конфликтот и за таа цел формиран е Кризен штаб кој ја следи безбедносната ситуација и истовремено врши анализа на сите извештаи и информации за состојбата со Украина“, рече министерот Спасовски, додавајќи дека организираниот криминал и сите негови форми се доста флексибилни и динамични, а со тоа и брзо прилагодливи на новите случувања поврзани со руската агресија, од типот на криумчарење оружје, акцизни стоки, злоупотреба на украински документи во врска со криумчарење мигранти и недозволена трговија со дрога.
Во однос на потенцијалот од циркулација на поголеми количини на оружје, министерот Спасовски информираше дека во рамки на областа за недозволената трговија со оружје, во Република Северна Македонија оваа година, заклучно со септември 2022 година, откриени се 142 кривични дела, за што кривично пријавени се вкупно 145 сторители, што преставува зголемување за 10% во однос на минатата година. Тој истакна дека за одбележување се активностите кои ги презема тимот за поддршка на EMPACT преку мобилизирање на оваа платформа за справување со закани кои произлегуваат од сериозен и организиран криминал, а поврзани со војната во Украина.
„Несомнено е дека во последните години сајбер заканите се меѓу најзначајните безбедносни закани и од тие причини основано се третираат како интегрален дел од националната и меѓународна безбедност. Одбранбениот и безбедносниот сектор сѐ повеќе се зависни од функционалноста на ИКТ системи. Хакерски напади врз клучните компјутерски системи реално можат да нанесат штета поголема дури и од класичните воени напади. Во моментов, во Република Северна Македонија се имплементира Националната стратегија за сајбер безбедност 2018-2022 година, која е развиена во согласност со Стратегијата за сајбер безбедност на ЕУ и Политиката и Заложбата за сајбер безбедност на НАТО – за обезбедување на сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално опкружување, во корист на граѓаните, бизнисите и јавната администрација. Исто така, формиран е и Национален совет за сајбер безбедност, според најновите НАТО стандарди, составен од членови од повеќе релевантни институции во Република Северна Македонија“, истакна министерот Спасовски, кој воедно информираше дека во тек е изготвување на Закон за критична инфраструктура кој треба да ги воспостави основите на систем кој ќе ги обедини сите чинители, вклучувајќи го и приватниот сектор.
Министерот Спасовски во своето обраќање пред присутните се осврна и на активностите кои Република Северна Македонија, заедно со партнерите, ги презема во борбата против тероризмот и во превенција на радикализацијата, вклучувајќи ја и онаа преку Интернет, преку вклучување на локалната самоуправа, преку формирање на совети за превенција и акциски тимови во локалните заедници, како и вклучување на невладиниот сектор, верските заедници, медиумите, бизнис заедницата.