„Програмата за Овластен економски оператор, која обезбедува конкурентска предност и нови деловни можности за компаниите, во последните неколку години станува се повеќе препознаена. Во моментов имаме 24 компании со статус на ОЕО во нашата земја, кои се вклучени во околу 50% од вкупниот обем на трговија според вредност. Фокусирани сме и на активностите за меѓусебно признавање на ОЕО во регионот, така што во овој момент воспоставивме меѓусебно признавање со Србија, а овој процес со Албанија е во завршна фаза“, истакна директорката на Царинската управа, Славица Кутиров, на панел дискусија „Унапредување на анализата на податоци за подобрување на ОЕО програмите“, одржана во рамки на Регионалната конференција на асоцијацијата за ОЕО во Белград, во организација на ГИЗ.
Во контекст на активностите на проектот Поддршка на регионалната економска интеграција, директорката Кутиров и директорите на Царинските управи од Црна Гора, Србија и Албанија дискутираа за новите можности за регионална соработка.
Директорката Кутиров нагласи дека понатамошната дигитализација продолжува преку развојот на нови системи и надградба на постоечките, согласно барањата на ЕУ. Со тоа ќе се овозможи подобрување на обработката на податоци, поефикасна анализа на ризик, консолидирани бази на податоци и понатамошни поедноставувања во царинските постапки, како чекор понатаму во олеснувањето на трговијата. Надградбите на системот СОЦДАД, размената на информации со другите институции, како и имплементацијата на Новиот едношалтерски систем, во чии рамки ќе се имплементира заедничка анализа на ризиците, ќе овозможат поефикасна проверка на потребните услови кои компаниите треба да ги исполнат за стекнување статус на ОЕО.
„Царинската управа работи и на воведување на сервис за завршување на царинската постапка за еден час, за царински декларации на зелен канал за кои се платени или обезбедени царинските давачки. Од оваа новина најголема корист ќе имаат компаниите кои поседуваат одобрение за Овластен економски оператор, како доверливи економски оператори, препознаени во процесот на анализа на ризик“, потенцираше таа.
Царинската управа е постојано исправена пред предизвикот да обезбеди баланс помеѓу поддршката и олеснување на легалната трговија, од една страна и ефикасни контроли од друга. Во оваа насока, Кутиров истакна дека нашето царинско законодавство е целосно усогласено со законодавството на ЕУ, што е забележано и во последниот извештај на Европската Комисија за напредокот на државата.