25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Активни пожари низ Македонија, некаде се гаси со хеликоптери

ЦУК: сублимирани информации од терен за справувањето со пожарите во Македонија

Денеска, Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира, согласно сублимираните информации од терен, за справувањето со пожарите во Македонија. Вчера хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи (МВР) опремен со ведро за гаснење пожари на отворено и двата авиона на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) беа голема поддршка на копнената акција во гаснење пожари на непристапни места. Практично, со голем ангажман на сите ангажирани сили за гаснење на пожарите на отворено, во координација на ЦУК, беше спречено огнот да не навлезе во неколку села. Конкретно, со пожтртвуваноста на ангажираните пожарникари, месното население, вклучените субјекти од Системот за управување со кризи, ДЗС, а и други организации, во координацијата преку ЦУК, согласно барањата на силите на терен спречија огнот да не навлезе во неколку села во Кичевско и реонот на Македонски Брод.

Инаку се гасеше и пожар што го зафати просторот помеѓу селата Крушица, планината Песјак и Кичевија, при што во време од шест и половина часа налет беа пренесени и исфрлена многу тони вода, а со таа континуирана акција пожарот е локализиран и не е дозволено негово ширење кон селата Козичино и Дупјани.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) преку Секторот за операции и координација ги сублимираше информациите од терен за справувањето со пожарите во Македонија, коишто се добиени од регионалните центри за управување со кризи преку кои се координираат дејствата и информирањето.

Конкретно информациите се следните:

Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Охрид, известува дека пожарот кој започнал на ден 30.10.2022 година во 13:00 часот во близина на Тајмиште, Општина Кичево зафатил ниска вегетација, дабова и букова шума. Во период од 11:50 до 15:15 часот во гаснењето на пожарот интервенирале два авиона на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) што извршиле 16 налети и го спречиле неговото ширење во правец кон планинскиот превој „Стража“. Линијата на пожарот е драстично намалена. Во гаснењето на пожарот интервенирале и три лица од ДЗС и 15 лица од ЈП „Национални шуми“ подружница „Лопушник“ од Кичево. Според известувањето од ДЗС пожарот е локалзиран, а екипата од ЈП „Национални шуми“ подружница „Лопушник“ вршеле патролна обиколка на теренот за да не дојде до негово повторно разгорување. Сите екипи во текот на ноќта биле повлечени од терен.

Пожарот во атар на с.Бачишта, Општина Кичево е се уште активен. Едниот правец од пожарот не може да се прошири, бидејќи има голем пристапен пат и слегува до реката каде што има хидроцентрали и тука се запира неговото ширење. Пожарот останува активен во правец на месноста викано Зајашки Рид односно над селото Бачишта. Има зафатено букови дрвја и нискостеблести растенија. На овој предел авионите на ДЗС не можеле да интервенираат заради стрмноста на теренот. Во текот на денот, за негово гаснење интервенирале четири пожарникари со едно противпожарно (ПП) возило и мешана екипа од 20 лица вкупно, составена од вработени од ЈП „Национални шуми“ подружница „Лопушник“ и од месното население. Во текот на ноќта екипите се повлечени од терен.

Пожарот што започна на ден 30.10.2022 година во 10:00 часот во атар на с.Ореовец, место викано Присој во Општина Македонски Брод, се уште е активен. Зафатена е ниско деградирана дабова шума и лисната постела. Во гасење на пожарот во текот на денот интервенирале четири лица од ЈП „Македонски шуми“ подружница „Сандански“ и четири пожарникари со едно теренско возило од ТППЕ Македонски Брод. Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица ТППЕ Македонски Брод во текот на денот интервенирале над селото Ижишта правејќи безбедносни појаси за пожарот да не се префрли во погустата шума. Екипата од ЈП „Национални шуми“ била распоредена во атарот на с.Ореовец над Манастирот „Св. Архангел Михаил“. Од лицата коишто биле на терен е известено дека пожарот е многу повисоко на самиот срт на планината каде што гори претежно сува трева и дека не постои можност да се врати на кај селата Ореовец, Русјаци и Ижишта. Во гаснењето бил вклучен еден хеликоптер на Министерството за внатрешни работи (МВР) којшто успешно го пресекол пожарот на непристапните места. Направен е увид за формирање на базен кој ќе служи за полнење на хелихоптер со вода од реката Треска. Пожарот е се уште активен и е во четири линии, гледано од с. Долно Ореовец. Во текот на ноќта се повлечени силите, но се формирале екипи коишто ќе интервенираат во текот на раните утрински часови.
Регионалниот центар за управување со кризи (ПО РЦУК) Македонски Брод е во постојан контакт и координација со Единицата на локална самоуправа (ЕЛС) Општина Македонски Брод, Територјалната противпожарна единица (ТППЕ) Македонски Брод и подружницата на ЈП „Македонски Шуми“ од Македонски Брод.

Регионалниот центар за управување со кризи РЦУК Тетово, известува дека во атар на с.Печково е започнат шумски пожар во 08:00 часот на 02.10.2022. Пожарот се проширил и била зафатена дабова шума, на делумно непристапен терен. Таму каде што било достапно за гаснење на едниот крак, страна, дејствувале три пожарникари со едно противпожарно (ПП) возило, а вториот дел од пожарот го гаснеле четири лица од ЈП „Македонски шуми“ подружница „Шар“ од Гостивар и истиот е ставен под контрола. Постои проширување на пожарот на трета страна над с.Вруток, но на тој правец не е интервенирано од причина што осум лица од ЈП „Македонски шуми“ подружница „Шар“ од Гостивар интервенирале, според приоритет, во атар на с.Буковиќ за да го спречат проширувањето на пожарот што се префрлил од Кичево кон Гостивар.