Во четврток, 03 ноември 2022 година во 10:00 часот во Клубот на пратеници, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската унија, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и Набил Ганги, де факто шеф на Организацијата за храна и земјоделство во Северна Македонија ќе ја претстават помошта обезбедена од Европската унија и Обединетите нации за консолидација на земјиштето во Северна Македонија.
Процесот на целосна консолидација на земјиштето е поставен како крајна цел според Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021 – 2027 година. Европската унија (ЕУ) и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) го поддржуваат спроведувањето на националната политика за консолидација на земјиштето и планирано преуредување на фрагментирани парцели и на нивното сопствеништво во Северна Македонија. Заедничката помош, главно предводена од ЕУ, се протега во 2 проектни фази:
1. „Воведување на Националната програма за консолидација на земјиште (MAINLAND)“ во вредност од 2,86 милиони евра (од кои 0,36 милиони евра придонес од ФАО) за проценка на изводливоста на консолидација на земјиштето во 14 рурални средини во периодот март 2017 – ноември 2022 година. Од нив, 9 дополнително ги надградија плановите за прераспределба на земјиштето или за подобрување на земјоделската инфраструктура: Конче (Општина Конче), Егри, Логоварди, Оптичари, Трн (Општина Битола), Дабјани (Општина Долнени), Кожле (Општина Петровец), Соколарци и Спанчево (Општина Чешиново-Облешево);
2. „Зајакнување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија“ во вредност од 1,2 милиони евра (од кои 0,2 милиони евра придонес на ФАО) за целосна консолидација на земјиштето на Дабјани (Општина Долнени) и Чифлик (Општина Чешиново-Облешево) во текот на периодот август 2022 – јануари 2026 година.
Структурата на земјоделско земјиште од 4.700 хектари ќе се подобри со намалување на фрагментацијата на земјиштето и овозможување зголемување на фармите. Придобивките се повеќекратни за околу 6.300 сопственици на земјиште и земјоделци и вклучуваат подобрена рурална инфраструктура, зајакната економска стабилност поради зголемените приходи на земјоделските стопанства и подобра конкурентност на земјоделскиот сектор. Ова ги прави одржливи и земјоделството и животната средина.