24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАЛОКАЛНО

(ФОТО) Данела Арсовска најде време да се слика, ама молчи дали почвата на новиот Мега парк во Волково е загадена

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска отиде да се фотографира и да покаже дека веќе се гледаат контурите на првиот мега-парк во Скопје, паркот „Даме Груев“ во општината Ѓорче Петров, но немаше време да одговори на прашањата на ЦИВИЛ Медиа дали почвата на која се планира овој голем парк е загадена или не?

Паркот се простира на површина од над 30.000 метри квадратни, а според информациите на ЦИВИЛ Медиа дел од отпадот од депонијата не е транспортиран до Дрисла, туку е само затрупан со слој земја.

Бидејќи паркот е наменет за забава, а првично и за деца, од Град Скопје не одговараат на поставените прашања за безбедноста на почвата, колку е истата контаминирана и штетна за посетителите.

Дополнително како што дознава ЦИВИЛ Медиа, компанија која нема дозвола за собирање и транспорт на отпад издадена од Министерството за животна средина, го превезувала отпадот од депонијата во Волково до Дрисла.

Според инспекцијата извршена од страна на Државниот инспекторат за животна средина, компанијата ДТГТ Вато ДОО од Студеничани собрала и транспортирала до Дрисла 4.766 метри кубни отпад од дивата депонија во Волково, за што подоцна се информирани и службите на Град Скопје.

За ова исто така втор ден молчат и од Град Скопје и од Општина Ѓорче Петров.

Соња Танеска/ Фронтлине.мк