Денеска, во основното училиште „Блаже Конески“ почна со реализација проектот за доделување на бесплатните таблети, во чии рамки повеќе од 800 четвртодделенци од општина Аеродром ќе добијат бесплатни таблети.
Градоначалникот Тимчо Муцунски, коj присуствуваше на доделување на таблетите, потенцира дека станува збор за проект што ќе го олесни и унапреди образовниот процес. Станува збор за таблети од реномираниот производител „Амазон“, чија вкупна вредност изнесува над 5 милиони денари. Средствата за оваа намена се целосно обезбедени од буџетот на Општина Аеродром.
„Ставајќи ја во прв план важноста на дигитализацијата во образовниот процесот, а имајќи предвид дека учениците сè уште немаат добиено учебници од Владата и од Министерството за образование и наука, Општина Аеродром донесе одлука проектот да почне да се реализира веднаш и да продолжи и во следните години. Денешниот настан, но и активностите што ќе се реализираат во другите училишта, се уште еден доказ дека цврсто стоиме на своите заложби за обезбедување модерен и современ образовен процес, во кој дигиталните алатки ќе бидат подостапни до учениците“, потенцира градоначалникот Тимчо Муцунски.
Проектите што Општина Аеродром ги реализира во образованието се една нова насока, која подразбира современ, модерен и технолошки процес, во кој главниот фокус е ставен на обезбедување подобри услови за учениците. Сите училишта на територијата на општина Аеродром беа опремени со паметни табли, на покривите беа поставени фотоволтаици, а од денеска секое дете добива и бесплатен таблет.
Заврши целосната реконструкција на ООУ „Димитар Македонски“, „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче почна со проектот за надградба на капацитетите, а ООУ „Блаже Конески“ доби нова фасада и проект за доградба.
Реконструирани беа внатрешните делови од ООУ „Љубен Лапе“ и „Лазо Ангеловски“, а „Браќа Миладиновци“ ја добива првата училница на отворено, нов современ спортски терен, како и почеток на процесот за негова модернизација.
Во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ беше направен најголемиот велодром во Скопје, како и нови терени за фудбал и кошарка.