25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Почнуваат градежните работи на Коридор VIII: Железничка делница Куманово-Бељаковце-Крива Паланка

Во сабота, 29 октомври 2022 година во 12:00 часот во село Шупљи камен, во близина на Куманово, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија и Димитар Ковачевски, Премиер на Северна Македонија ќе го означат почетокот на работите на источниот крај на железничкиот Коридор VIII делница Куманово-Бељаковце-Крива Паланка.

Транснационалната транспортна оска Исток-Запад (Коридор VIII) се протега од пристаништето Бари во Италија до пристаништата Варна и Бургас во Бугарија. Централниот дел на овој паневропски коридор долг 315 километри минува низ Северна Македонија, односно Кичево, Скопје, Куманово, Бељаковце и Крива Паланка. Меѓутоа, врските недостасуваат на западниот крај (од Кичево до границата со Албанија) и на источниот крај (од Куманово до границата со Бугарија).

Вкупната должина на источниот крај на железничкиот Коридор VIII е 88,2 километри од кои 34 километри, односно делницата Бељаковце – Крива Паланка се гради со финансиска помош на ЕУ обезбедена преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF). Грант финансиран од ЕУ-WBIF од 75 милиони евра, дополнет со национален придонес од 1 милион евра, е доделен за да се доближи овој железнички дел до современите стандарди. Работите ќе се изведуваат од октомври 2022 година до крајот на 2025 година и опфаќаат тунели во должина од 5,5 километри, железнички мостови, над и подвозници, железнички станици и стојалишта, како и нов систем за сигнализација и телекомуникација. Дополнителен грант финансиран од ЕУ од 210 милиони евра е во план за завршување на источниот крај на железничкиот Коридор VIII до границата со Бугарија.

Откако ќе биде завршена, се очекува железничката делница да го зголеми годишниот обем на товар за 20% до 2040 година и да обезбеди пристап до современите транспортни средства за повеќе од 350.000 луѓе. Ќе се намали времето на патување, како и загадувањето на воздухот и бучавата.

Од 2007 година, ЕУ обезбеди над 500 милиони евра за транспортниот сектор и преку Инструментот за претпристапување и преку WBIF.