19.8 C
Скопје
30. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Концерт на словенечките хорови и вокални групи: „Мотив“, „Дивокс“, „Трио Ле Диве“ и „Франце Прешерен“

Културно-информативен центар – Скопје, Салон 19:19,
30. октомври, 19:19 часот

Почитувани,
Ве информираме дека на 30.10.2022 во Салон 19:19, со почеток во 19:19 часот. ќе се оддржи целовечерен концерт на словенечките хорови и вокални групи: „Мотив“, „Дивокс“ и „Трио Ле диве“ од Нова Горица, Словенија, како и на словенечкиот хор „Франце Прешерен“ од Скопје. Концертот ќе се одржи во предвечерието и во чест на словенечкиот државен празник „Ден на реформацијата“.

Мотив е мешан хор, чијашто цел е да ги посети Словенците низ светот, па така хорот имал бројни настапи во Канада, Германија, Белгија, Холандија, а следната година поканети се да ги посетат Словенците во Аргентина. Во согласност со нивната цел е и репертоарот кој го изведуваат и истиот е патриотски. Миран Рустја раководи со хорот Мотив, а воедно е и диригент, композитор, поет, музички педагог, кој што целиот свој живот предава музика во училишта и диригира со голем број хорови. Иако во основата тој е музичар, всушност е и сестран уметник. Покрај музиката, особено е посветен на убавиот пишан збор и има издадено повеќе книги со поезија, приказни и есеи. Миран Рустја не е прв пат во Македонија, тој со своите хорови веќе има гостувано во Словенечкото здружение „Франце Прешерен“ од Скопје, а бил и домаќин на нивниот хор во Словенија.
Вокалната група Дивокс (Divox) е составена од шест мешани гласови. Изведуваат словенечки композиции и композиции од светската литература. За вокалната техника на членовите е задолжена соло пејачката и педагог по пеење Марјетка Лузник, а уметнички раководител на групата е диригентот Јани Кланцнич. Кланчич ги завршил студиите по музичка педагогија на Музичката Академија во Љубљана под менторство на вонредниот професор Себастијан Врховник. Има големо искуство во областа на хорското пеење, бил член на повеќе хорови и особено се истакнал како хорски диригент и уметнички раководител на вокалната група Дивокс. Своето знаење постојано го надоградува преку учество на хорски семинари кај истакнати хорски диригенти. Редовно учествува и на различни хорски фестивали и натпревари. Вработен е во основното училиште „Иван Роб“ во Шемпетер покрај Нова Горица, каде што раководи со детскиот и младинскиот хор.
Триото Ле диве (Trio Le dive) ги раководи, а и со нив настапува соло пејачката и музички педагог Марјетка Лузник. За време на две години, колку што и настапуваат, имаат оддржано 3 самостојни целовечерни концерти и имаат гостувано во Чешка. Марјетка Лузник ги има завршено и двете студии, како музички педагог и како соло пејачка, со највисоки почести на Конзерваториумот во Клагенфурт, а подоцна, исто така со највисоки почести, ги има завршено и магистерските студии по концертно пеење во класата на професорката Францка Шенк. Како пејачка концертира и соработува со различни музички состави, има оддржано три самостојни рецитали и дебитирала како оперска певица. Редовно учествува на мастер класи кај истакнати музички педагози. Вработена е како педагог по пеење во музичкото училиште во Нова Горица.
Андреја Наунов е диригент на словенечкиот хор „Франце Прешерен“ од Скопје. Има дипломирано на Факлтетот за музичка уметност во Скопје, на одделот за пијано кај доцент-професорот Симон Трпчевски, каде што е запишан и на магистерски студии. Оркестарско диригирање студирал на истиот факултет и тоа во класата на маестро Саша Николовски-Ѓумар, а дипломирал во класата на Борјан Цанев. Помеѓу неговите најзначајни настапи се вбројуваат турнеите низ Македонија со пијанистот и негов професор Симон Трпчевски. Како пијанист и корепетитор постојано настапува со многубројни и различни ансамбли и солисти, како во татковината така и во странство (Швајцарија, Австрија, Србија, Бугарија, Германија, Унгарија, Романија, Словенија, Русија и САД). Андреја Наунов, покрај тоа што е успешен пијанист, корепетитор и пејач, е и диригент. Како диригент работи со хорот при црквата Св. Богородица од Скопје, со кој што настапувал во виенскиот дворец Шонбрун, како и во една од најголемите цркви во Виена – Св. Петар и во Италија во Венеција и Бари.

Спонзорирано: