19.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

“Лажни ветувања, хаос и нефункционален град се резултатите на една година власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје”

Изјава за медиуми, Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје:

Додека Данела Арсовска се кара со Мицковски за тоа чии раце да бидат во медот, од ветувањата кои ги даде пред една година за Општина Аеродром не е реализирано апсолутно ништо.

Ајде заедно да се потсетиме што ветуваше Арсовска за Аеродром во нејзината програма за модерно Скопје.

За ветениот кружен тек на крстосницата на бул. К.Ј. Питу со улиците Фрањо Клуз, Руди Чајавец и Симеон Кавракиров нема ниту проект. Тоа значи дека овој кружен тек нема да почне да се гради ни до крајот на нејзиниот мандат.

Нема ништо ни од најавените 100.000 метри квадратни парковско зеленило на потегот од паркот кај последна 5-ка сè до паркот „Авион“.

Ништо и од новиот забавен парк во Аеродром, кој требаше да биде простор за забава и дружење за најмладите.

Далеку од реализација се и мостот помеѓу Маџари и Лисиче кој требаше да ги спојува Аеродром и Гази Баба, како и мостот над железничката пруга кој требаше да ги спојува ул. 3 македонска бригада во Аеродром и ул. Народни Херои во Кисела Вода.

На Данела Арсовска и претставува проблем дури и да го пушти во употреба веќе изградениот мост Михајло Апостолски кој ги поврзува бул. АСНОМ во Аеродром и ул. Индустриска во населбата Керамидница во Гази Баба. Готов мост целосно направен во мандатот на градоначалникот Шилегов, доволно е само да го пушти во употреба.

Продолженијата на булеварот Васко Карангелески во Аеродром и улицата Есенинова во Кисела Вода кои требаше да го намалат сообраќајниот метеж на ул. 3 македонска бригада веќе одамна требаше да бидат завршени. И овие проекти беа започнати со реализација во времето на градоначалникот Шилегов. Доволно е само да ги доврши.

На почетокот од нивните мандати Арсовска и Муцунски го најавија и проектот за создавање на Центар за софтверски инженеринг и хаб за иновативни ИТ компании во Аеродром. Со изградбата на овој центар младите скопјани требаше да добијат можност да ги реализираат своите потенцијали во делот на софтверскиот инженеринг со поддршка на Град Скопје. Ништо и од тоа.

Аеродром се уште чека на ветените нови катни гаражи, нова библиотека, нова гимназија, нов културен центар со кино и театар во Ново Лисиче.

Големи ветувања, а никаква реализација.

Со менаџерските способности на „најдобрата менаџерка во Европа“, како што Арсовска се самопрогласи пред една година, треба да бидеме среќни и ако се уште имаме јавен автобуски превоз, а камо ли бесплатен превоз.

Треба да бидеме среќни ако сеуште имаме вода, а камо ли развиена водоводна и канализациска мрежа, колекторски системи и пречистителни станици и реконструиран и покриен Усјански канал.

Граѓаните бараат резултати. Граѓаните очекуваат реализација на овие големи ветувања.

Скопје денес е киднапиран град на лажни ветувања, Аеродром е само дел од оваа катастрофа.

Време е Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ конечно да понесат одговорност за тоа.