22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Ковачевски од Битола: Имаме гас за училиштата и болниците, обезбедена е струја за зимската сезона

„Лично јас, но и како влада правиме напори за навремено и доволно снабдување со енергенси. Целиот регион го посетив, разговарав со сите премиери и претседатели на држави и со државнички политики можам да кажам дека обезбедивме гас за училиштата и болниците. Последна потврда е постигнатиот договор со Република Србија, кој не се иззема од забраната за извоз на природен гас“ изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина во Битола.

Тој додаде дека преку политиките за добрососедство, во рамки на иницијативата Отворен Балкан, обезбеден е компресиран гас за потребите на училиштата и болниците во многу градови низ државата.

„Ве уверувам дека струја ќе има доволно и постојано за целиот период од кризата. Нема да биде лесно, но заедно ќе успееме. Владата ја субвенционира цената на електричната енергија за 80 отсто за над 600.000 домаќинства и за над 72.000 компании и тоа ќе продолжи и понатаму. Покрај тоа, цената на струјата за домаќинствата и натаму е со повластена стапка од пет отсто, наместо 18 отсто како што беше претходно. Тоа почитувани е одговорен, државнички пристап во време на светска економска и енергетска криза“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека ова е дијаметрално различен пристап од тој на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кои прават само блокади и блокираат преку 50 закони важни за државата, граѓаните, економијата и енеретиката.

„100 милиони евра финансиска поддршка за АД ЕСМ, кочи ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, се кочат и други законски решенија кои значат поддршка за граѓаните. Не се точни лагите на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе сме ги затворале ТЕЦ Неготино или РЕК Битола, тоа е дел од нивната политичка матрица на постојано ширење невистини. Тие се учени парите од Буџетот да завршуваат во нивните џебови, во нивниот бел дворец“ рече Ковачевски.