Бизнис заедницата очекува иднината да донесе стабилен енергетски систем, реформа на пазарот на труд и на образовниот систем за да се задржат младите, ефикасна и мала државна администрација, поттикнување на женското претприемништво. Тие ги споделија предизвиците со кои се соочуваат, но и своите визии за иднината, во рамки на денешната Визионерска работилница, која се одржа како дел од процесот на креирање на Националната развојна стратегија за наредните 20 години.
„Од исклучителна важност е стопанските комори, како најрелевантни претставници на компаниите во државата, да бидат директно и активно вклучени во процесот на креирање на Националната развојна стратегија. Станува збор за сеопфатен документ во кој ќе се мапираат тековните и постоечките предизвици на општеството и ќе се изградат капацитети, со цел државата да биде подготвена за претстојните предизвици. Квалитетното и сеопфатно планирање практично нѝ овозможува да креираме одржливи политики на национално и на локално ниво и полесно да се справиме со пречките и кризите кои ќе се појават на патот во претстојните години“, порача вицепремиерот Фатмир Битиќи во своето видео обраќање на настанот.
Стопанствениците порачаа дека се подготвени со целиот капацитет активно да се вклучат во креирањето на Националната развојна стратегија, со цел создавање подобра деловна клима и поконзистентни економски политики.
„За нас е од особено значење да се зголемат потенцијалите на македонската економија, индустриското производство, домашното производство. Неопходно е и што посилно и заеднички да ги насочиме силите кон инвестиции во човечкиот капитал. Образовните програми треба да ги следат потребите на пазарот на труд, бидејќи само на тој начин дипломираните млади луѓе полесно ќе можат да дојдат до посакуваното работно место, а бизнис секторот ќе има квалификуван кадар кој што му е повеќе од потребен“, изјави Дриљон Исени, извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија.
„Националната развојна стратегија треба да му даде на општеството јасна слика за заедничките развојни цели и насоки, но за да се постигне тоа мора да се вклучат сите на национално ниво. Бизнис заедницата е мотор на развојот и напредокот, а вашата земја има потреба од тој мотор за да биде двигател на развојот. Затоа, ве замолувам несебично да ги споделите вашето искуство, знаење и иновативност во креирањето на Националната развојна стратегија“, рече Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.