Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАвест

Средба на претседателот на парламентот Џафери со претседателката Адамова

На денешната средба со претседателката на Домот на пратениците на Парламентот на Чешката Република, Маркета Пекарова-Адамова, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, ја потенцираше одличната и интензивна соработка меѓу двете земји на сите нивоа. Воедно, упати благодарност до чешката страна за целокупната досегашна помош и поддршка што ја имавме во контекст на нашите Евроатлански интеграции. “Уверен сум дека Вашата поддршка и пријателска соработка кон нашата земја ќе продолжи и понатаму со истиот интензитет,“ нагласи претседателот Џафери. Во неговиот кус осврт за досегашниот тридецениски трнлив пат на земјата на патот кон ЕУ и НАТО, за предизвиците со кои се соочивме и се соочуваме на тој пат, претседателот Џафери изрази надеж дека сето тоа ќе се заврши на најдобар можен начин и конечно ќе ги затвориме сите отворени прашања кои подолг временски период го отежнуваат нашето потполно интегрирање. Тој исто така го поздрави и формирањето на Чешката пратеничка група за соработка со нашето Собрание и изрази лично уверување дека парламентарната соработка ќе продолжи да се развива и понатаму со зголемена динамика.
Претседателката на чешкиот парламент, Маркета Пекарова – Адамова, го изрази своето задоволство од приемот во Република Северна Македонија и потенцираше дека и е чест што токму на ден на државен празник во нашата земја се реализира оваа средба. Таа нагласи дека Чешка е голем поддржувач на ЕУ- интеграциите на нашата земја и тоа не само со зборови туку и со дела. Ја потенцираше и досегашната одлична парламентарна соработка и изрази спремност и понатаму да се продлабочи взаемната соработка на сите полиња. “Свесни сме дека Вашиот пат кон ЕУ е тежок но истовремено сме горди и го поддржуваме Вашиот оптимизам и спремност да успеете на овој пат“, нагласи Адамова. Исто така, таа, од име на нејзината земја упати благодарност до претседателот Џафери за нашето учество и партиципација во заедничката воена помош кон Украина, како сојузници во НАТО алијансата.

На крај на средбата двајцата соговорници се согласија дека интензивната политичка соработка на сите полиња и во наредниот период ќе продолжи со несмален интензитет.

Можеби ќе ве интересира

Мистериозна смрт на 25 годишна девојка

ДЕСК

Претрес во Свети Николе, пронајдена дрога, лишени од слобода две лица

ДЕСК

Ем останаа без 2 тона индисики ореви и други апетисани, ем ќе платат казна – АХВ се пофали со голема заплена

ДЕСК