23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Министерот Спасовски во Прага оствари работна средба со неговиот чешки колега и прв заменик премиер Ракушан

Денеска (24.10.2022) во рамки на работниот престој на Чешката Република на министерот Оливер Спасовски, каде учествува на Министерската конференција во рамки на Прашкиот процес, тој оствари билатерална средба со неговиот чешки колега и прв заменик премиер, Вит Ракушан.

Оваа средба меѓу министрите за внатрешни работи на двете земји претставува потврда на заложбите за искрена меѓусебна соработка и несебична поддршка, која е на највисоко ниво. Министерот Спасовски упати благодарност до министерот Ракушан за поддршката која Чешката Република ја дава на Министерството за внатрешни работи, преку донации за унапредување на капацитетите на полицијата и зголемување на ефикасноста, како и во справување со илегалната миграција на јужната граница, преку постојано испраќање на чешки полициски службеници, која започна уште во екот на мигрантската криза, што придонесува за зачувување и на границите на ЕУ и безбедноста на европските граѓани.

„Професионализмот и искуството кои чешките полициски службеници несебично ги споделуваат со своите македонски колеги, заслужуваат голема почит и за нас се од непроценливо значење, што постојано е нагласувано и од раководниот кадар на нашата гранична полиција“, истакна министерот Спасовски.

И двајцата министри се согласија дека чешката и македонската полиција одлично се справуваат со нелегалната миграција, што е од особено значење, имајќи предвид дека справувањето со миграцијата на јужната граница на Република Северна Македонија во суштина значи обезбедување и на границите на ЕУ.

Министерот Спасовски упати покана до министерот Ракушан за учество на Министерската конференција во рамки на чешкото претседавање со Советот на ЕУ во заедничка организација и поддршка на Меѓународната организација за миграција на тема „Одржливо управување со миграцијата во Западен Балкан“, која ќе се одржи во Скопје кон средината на идниот месец, како и лична покана за официјална средба во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.

Министерот Ракушан, изразувајќи благодарност, ја прифати поканата од министерот Спасовски, со увереност дека интензивната соработка меѓу двете министерства ќе продолжи и во иднина со несмалено темпо, потенцирајќи дека ваквите работни средби, како оваа во Прага, но и таа што следува во Скопје, се одлична можност за отворање на нови поглавја преку конкретни предлози за нејзино натамошно унапредување.