11.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+БИЗНИСИЗБОР

Маџаревиќ-Сјустер: Северна Македонија го има најголемиот пакет на фискален одговор за кризата во Западен Балкан

Северна Македонија има најголем пакет на фискален одговор за кризата од сите шест земји во Западен Балкан во смисла на поддршка што се дава на фирмите и домаќинствата. Ако се погледне износот што е ставен настрана 750 милиони евра севкупно ова е повеќе од пет отсто од БДП, но ова е во моментот најголемиот пакет на фискален одговор на кризата, изјави денеска Сања Маџаревиќ – Сујстер, виш економист на Светска банка и главен автор на редовниот извештај за земјите од Западен Балкан.

– Ако се погледнат цените на електрична енергија, на гас, и понатаму се конкурентни, меѓутоа делумно заради тоа што се субвенционирани. Ако Владата не плаќа субвенции тогаш ќе плаќате многу повисока цена што е дел од фискалните напори да се олесни влијанието на кризата. И краткорочно мислам дека ова е начинот да се оди понатаму, истакна таа на денешната презентација на Извештајот во Скопје.

Маџаревиќ – Сјустер истакна дека вториот пакет на поддршка за кризата треба да биде за најранливите домаќинства и фирми и тоа е она што треба да се внесе. Но, истакнува таа, има владини реформи што не чинат многу пари, но им треба политичка заложба и имплементација. Во контекст на Северна Македонија, како што потенцира експертката на Светската банка, сегашното функционирање на Парламентот може да е пречка побрзо да се движиме во овие реформи.

-Видовме случај на нов Закон за буџет на кој му требаше две години да помине низ Собранието. Ова е пример од реформите што не чинат пари, но ќе имаат многу посебно влијание во однос на транспарентноста и ефикасноста за користење на јавните ресурси, да се постави соодветен независен мониторинг на фискалната политика и севкупно ќе биде важно заради тоа што ќе имате модернизиран трезор и даночна администрација коишто ќе дојдат во овој процес, рече Маџаревиќ – Сјустер.

Според неа, дури и реформите на образовниот сектор ќе бидат од критична важност за Северна Македонија, но некој треба да започне со тој процес.

-И повеќето од овие реформи немаат целисходни и фискални трошоци, но ќе имаат многу силни придобивки за севкупното општество вклучувајќи ја и фискалната политика во иднина, истакна експертката на Светска Банка.

Во однос на справувањето со инфлацијата и воведувањето маржи, Маџаревиќ – Сјустер рече дека Северна Македонија не е единствената земја која воведе одредени ограничувања во однос на маржите, и многу од земјите во ЕУ ја применија оваа мерка. Ова, според неа, е подобра мерка отколку фиксни цени затоа што фиксните цени може да водат кон дефицит на одредени производи.

-Со тоа што се прилагодува маржата практично вие ја намалувате цената на производот, меѓутоа влезните цени коишто влијаат врз конечната цена се уште во голема мера се високи и влијаат врз цената на чинење на самиот производ и тука не може да го ублажите тоа. Можете да го намалите притисокот, меѓутоа не може да ги намалите дневните трошоци или ДДВ-трошоците во споредба со минатата година, рече експертката на Светската банка.

Ова се мерки што помалку го нарушуваат пазарот отколку такви што би биле со фиксни цени.

– Дури и во земји како Хрватска, која е земја – членка на ЕУ фиксните цени на одредени производи и добра доведоа до недостаток на истите на пазарот па затоа Владата реши да престане со таквите мерки. Во Србија го видовме истиот порив, па влијанието на овие мерки точно не можеше целосно да ја елиминира високата стапка или порастот на цените, меѓутоа донекаде ограничувањето на маржите го ублажија нивното растење, рече Маџаревиќ-Сјустер.

Она што би можело понатаму да се направи, според неа, се регулаторни реформи каде ќе се зајакне конкуренцијата на локалните пазари заради тоа што некои од маржите се многу повисоки отколку што би биле во случај на многу подобра конкурентност или совршена конкурентност.

-Од друга страна земји се обидуваат да овозможат постојан дотур на одредени производи па ако се лоцираат или се обезбедат одредени субвенции можеби локално да се намалат влезните цени на одредени производи. Па мислам дека тука дискусиите на таа тема се тековни во Северна Македонија. Гледаме и одредени иницијални дискусии коишто се одвиваат на тема на тоа како да се преструктурираат тековните политики за да може да бидат ориентирани повеќе кон субвенции што ќе бидат базирани на учинок и сите земји се мачат во регионот да можат земјоделските сектори да ги направат попродуктивни, вели таа.

Оценува дека успешноста на земјоделскиот сектор и учинокот сега е многу важен за земјите имајќи го предвид безбедносниот аспект и ситуацијата во Украина.

– Оваа година имаме пченка и пченица од Украина, меѓутоа жетвата следната година ќе биде забавена и многу е важно да се искористи она што го имаме сега и ова е потенцијал на високо успешни земјоделски практики, а Северна Македонија го има потенцијалот да може да го истражува ова и да биде дури и извозник на земјоделски производи. Во голема мера ова е и позитивен аспект земајќи ги регулаторните аспекти на малопродажните пазари, рече Маџаревиќ-Сјустер.

Според експертката на Светската банка, предложените даночни реформи од Владата се доста солидни, и сега е добро време за такви реформи заради тоа што „ќе се ребалансира даночниот товар од поранливите или посиромашните кон помалку сиромашните”.

– Овој дисбаланс во моментот каде што приходот од работната сила е оданочен под 10 отсто, а капиталниот не е, ми се чини дека не е фер од една страна. Мислам дека е дисбалансиран и сега тука прашањето е дали зголемувањето на прогресивноста на даночниот систем ќе доведе поголема правичност или исто така ќе може порамномерно да го сподели даночниот товар помеѓу различните категории, тоа е прво. Второ, би кажала дека дизајнот на оваа реформа не е конечен. Ова беше само предлог, па ќе видиме како ќе изгледа финалниот пакет на даночни политики, вели Маџаревиќ-Сјустер.

Претходната реформа што беше отпочната во 2019 година, според неа, го суспендираше оданочувањето на капиталните примања во 2023 година, така што мислам дека ова практично само го пренебрегнува застојот или продолжуваме на она ниво кое што беше предложена реформата во 2019 година.

Маџаревиќ-Сјустер нагласува дека Светската банка не очекува рецесија во Северна Македонија во однос на севкупниот учинок, но може да има квартален негативен раст што можеби може да биде видливо и оваа година.

-Би рекла дека предвидувањата се неблагодарни заради тоа што брзо се менуваат нештата и за жал не е на подобро. Меѓутоа, очекуваме забавување на растот. И ако ги погледнете нашите предвидувања, сега сме на 2,1 отсто споредбено со сличните земји со слична економска структура како Србија, вели таа.

Србија малку подобро котира, меѓутоа, како што посочува, не поставува санкции на ист начин како Северна Македонија па така тие за кратко имаа придобивки од оваа можност како канал за извоз на санкционираниот руски пазар.

-Северна Македонија ја немаше таа поволна ситуација или таа корист. Меѓутоа, во 2023 година ако гледаме нанапред ќе видиме дека Северна Македонија е во групата на земји со релативно умерен раст па очекуваме дека тековната криза ќе се намали и ќе стивне во однос на шоковите коишто ги предизвикува. Имавте шок оваа година и мислам дека тоа еден основен ефект како што одиме во иднината ќе имаме и забавен раст заради кризата очекувавме 3,3 отсто, исто се намалува и растот заради тоа што инфлацијата ќе остане покачена, па ќе се забави стапката. Меѓутоа, ќе останат високи цени на производите па преку намалената потрошувачка и преку високи влезни трошоци за бизнисите ќе има и повисоки трошоци за извоз, посочува Маџаревиќ-Сјустер. Сепак, таа предупредува, дека „предвидувањата овие денови се базираат на храбри претпоставки”.

Спонзорирано: