23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Скопје на раб на нефункционалност, Буџетот за 2023 година ќе биде вистинскиот тест за Арсовска и Градот

Два месеци Град Скопје го тресат скандали, штрајкови, нарушени односи во Советот и градската администрација, пишува 24инфо.мк

Се започна со растурање на „бракот“ меѓу Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ поради кавгата за тендер од 136 милиони евра за пречистителната станица во Скопје и за тоа чии раце биле „фатени во медот“.

Неделава за првпат скопјани останаа без јавен превоз откако вработените во ЈСП не излегоа на работа поради задоцнета исплата на септемвриската плата.

Во тие два дена во хаосот секој обвинуваше секого за лошата состојба на ЈСП но на крајот се обезбедија 133 милиони денари за ЈСП што ќе значи редовна исплата на платите за ноември и декември.

Но уште не се смирија бранувањата од ЈСП незадоволство изразија вработените од ЈП „Водовод и канализација“ меѓу редови заканувајќи се дека ако директорот не се разреши, Скопје може да остане без вода како што претходно остана без јавен превоз.

Информациите во јавноста говорат дека критична е ситуацијата и во останатите јавни претпријатија и дека прашање на време е кога и таму „ќе пукне“.

По распадот на коалицијата Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ се чини дека никој веќе нема мнозинство во Советот што отвора сомнеж околу идното функционирање на градот.

Познавачите на состојбите велат дека токму усвојувањето на Буџетот на Градот за 2023 ќе биде вистинскиот тест за тоа како Град Скопје ќе продолжи да функционира.

„Ова со ЈСП е само показна вежба на ВМРО-ДПМНЕ наменета за Данела Арсовска, која очигледно незадоволна од немањето контрола врз јавните набавки, тендери и инвестиции, се обиде да си направи подобра позиција. ВМРО-ДПМНЕ ги повлече директорите на јавните претпријатија, но ги зачува под своја контрола управните одбори во нив, а без мнозинство во тие УО директорот не може да спроведе никаква набавка и не може да донесе речиси никаква одлука, барем не битна.Згора на тоа, ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во Советот, каде што се носат сите одлуки на ниво на Градот.

Така, кога на ЈСП му затребаа дополнителни пари за плати, Арсовска очигледно не сакала да „моли“ во Советот, па оставила да тлее проблемот. Тоа му отвори можност на ВМРО-ДПМНЕ да ја спроведе показната вежба со која ќе и се обзнани на градоначалничката кој е газда овде.

Следна можност за докажување „кој е кој“ ќе имаат во декември кога се носи буџетот на Град Скопје. Тогаш е потребно мнозинство (23 советници) и ќе видиме како Арсовска ќе го обезбеди, дали ќе се договорат со ВМРО како ќе се трошат парите од буџетот, или ќе продолжи бурлеската.

Во секој случај Градот ќе страда, затоа што во ниеден момент кавгата не е околу развојни проекти во Скопје, туку околу контрола врз парите.“ вели граѓанскиот активист и поранешен советник во Град Скопје, Васко Лазаревски.

Во случај да не може да се донесе Буџетот за 2023 тогаш Градот се префрла на времено финансирање каде ари ќе има само за редовните трошоци односно за плати и за одржување, додека ако се дојде во ситуација да не може да се усвои завршната сметка, тогаш скопјани ќе треба да излезат на предвремени локални избори за советници, како што се случи годинава во општина Тетово

извор 24инфо.мк