Никого нема да оставиме сам да се справува со последиците од економско-енергетската криза, оваа криза ќе ја пребродиме сите заедно, порача на денешната прес-конференција претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски.
Премиерот Ковачевски го презентираше новиот пакет антикризни мерки во вредност од над 350 милиони евра.
“Оваа криза со која што се соочуваме не само тука, туку и во најразвиените земји е најтешката, најголемата криза после Втората светска војна, вие гледате дека сите извештаи на медиумите укажуваат дека се работи за највисоки стапки на инфлација во последните 50 години, ги гледате сликите од Франција каде што веќе има недостаток на дизел за возилата, каде што километарски колони се пред бензинските пумпи, меѓутоа секоја држава се справува на најдобар можен начин во однос на капацитетите со кои што располага, а секако заедно со нашите партнери од НАТО и заедно со нашите партнери од ЕУ и од регионот и ние се справуваме со кризата. Заедно со нашите партнери и пријатели од ЕУ, како што кажав и ќе повторам уште еднаш, и заедно со нашите партнери од регионот и со нашите соседи ќе се погрижиме сите, буквално сите да бидат згрижени во текот на оваа зима. Знам дека сите граѓани се загрижени, нема граѓанин во нашата држава, во регионот и во Европа кој што не е загрижен од она што го гледаме секој ден на телевизиските екрани од боиштата во Украина, меѓутоа и од се она што излегува како информации во однос на економските показатели, затоа делуваме одлучно и преземаме мерки кои што ги ублажуваат ефектите на оваа криза.Ќе биде тешко и кај нас, ќе биде тешко и во многу други земји, но тука дома сите да имаат доволно греење и доволно храна за да ја преживееме зимата”, изјави Ковачевски.
Ковачевски истакна дека со најновата одлука, повторно, менаџираме добро со буџетот и ги враќаме парите назад кај граѓаните но таму каде што е најмногу потребно, кај најранливите категории на граѓани.
“Донесовме нов сет на мерки за справување со енергетската и ценовната криза вреден над 350 милиони евра за кои економскиот импакт се очекува да уште биде поголем. На овој начин, со мерките кои ги донесовме во текот на 2022 година, вкупниот пакет на антикризни мерки изнесува досега 750 милиони евра. По длабоки и долги консултации со експертите, со претставници на работодавачи, на здруженија на пензионери, со претставници на Стопански комори инсистирав да делуваме на повеќе нивоа за да може буквално сите да бидат опфатени. Со овој ребаланс на буџет кој што беше усвоен во изминатиот период, се осигуравме дека ќе се продолжи со мерките како што е повластената даночна стапка од 5% за прометот со електричната енергија кон домаќинствата за да се ублажи ценовниот удар од растечката цена на електрична енергија на светските берзи”, изјави Ковачевски.
Ковачевски додаде дека со ребалансот воедно се обезбедуваат и средствата потребни за раст на пензиите, за поддршка на ранливите категории на граѓани, за раст на платите во одделни дејности во јавниот сектор, за средства за фирмите за поддршка на растот на платите во приватниот сектор, за дополнителни средства за земјоделците за повисоки приноси и за стабилизирање на цените на храната, како и за нови антикризни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и заштита на стопанството од шоковите од енергетската и ценовна криза.
“Верувам дека сите заедно, ќе ја пребродиме зимата и оваа најтешка, најголема криза досега. Јас ќе дадам сѐ од себе, Владата, министрите исто, тоа е наша работа и денес и секој ден понатаму. Како што покажавме денес со овие антикризни мерки, активно и секојдневно се справуваме и ќе се справуваме со последиците, и дома, но и во соработка со соседите, со европските пријатели. Јас знам дека сите ние се грижиме за нашите семејства во време на криза, тоа е природно. Но кога сте премиер, вие мора да се грижите за сите. Затоа и денес ги донесовме овие мерки и продолжуваме и понатаму со секојдневен ангажман за да се погрижиме да има и струја и греење и храна за сите“, изјави Ковачевски.