Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, на вториот ден од објаснувачкиот скрининг состанок за Поглавје 24, „Правда, слобода и безбедност“, рече дека визијата за тоа каде сме денес во оваа област и каде треба да бидеме до 2030 година ќе се одрази во бараниот Патоказ за владеење на правото.
– Македонскиот преговарачки тим од оваа област се надоврзува на претходното стекнато искуство и продолжуваме со новите законски регулативи, од 2019 година до денес. Ова е голема предност за нас која треба да ја искористиме и да ја валоризираме, истакна Маричиќ.
– Имаме капацитет и мотивација соодветно да ги подготвиме нашата земја и нашите институции преку градење силен и добро интегриран административен капацитет на агенциите за спроведување на законот и за постигнување на потребните стандарди, рече вицепремиерот Маричиќ.
Во своето излагање Маричиќ истакна што Северна Македонија има направено во делот на борбата против тероризмот, напоменувајќи дека е донесен Закон за спречување перење пари и финансирање тероризам. Маричиќ додаде дека Владата ја усвои Националната процена на ризикот во март 2020 година во однос на перење пари и финансирање тероризам и го спомена усвоениот Национален план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратниците борци и членови на нивните семејства со учество на повеќе државни институции и општествени чинители со цел да се имплементираат утврдените приоритети во спречувањето на насилен екстремизам и радикализација.
Денес завршува вториот ден од презентациите на Европската комисија за законодавството и стандардите на ЕУ во областа на правдата, слободата и безбедноста за македонскиот и албанскиот преговарачки тим во оваа област.
Од понеделник започнуваат објаснувачките скрининг состаноци за Поглавје 23 – Правосудство и темелни права.