24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Петровска: Изнудените референдуми што се најавуваат во окупираните делови на Украина не се решение

Сведоци сме на најголемата безбедносна криза по завршувањето на Студената војна. Поминуваме низ исклучително тешки и драматични времиња поради она што се случува во Украина, поради војната и бесрамната агресија на Русија против друга европска нација, која дека донесе илјадници жртви и болка на граѓаните. Руската агресија врз Украина ни докажа дека, за жал, мирот не е загарантиран и не е даден еднаш засекогаш и дека меѓународниот поредок заснован на правила може да биде оспорен“, рече министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на денешната конференција на тема „Редефинирани приоритети: Нови реалности по украинската криза“, во организација на Универзитетот „Американ колеџ“ и УНХЦР во Северна Македонија.

Министерката порача дека и покрај многуте механизми и алатки преку дијалог и дипломатија, не може да се спречат едностраните одлуки што носат насилство, смрт и уништување.

„Историјата, особено поблиската, покажа дека единствениот пат кон конечно и одржливо решение е дијалогот што мора да ја добие својата шанса. Изнудените и насилни референдуми што се најавуваат дека ќе се одржат во окупираните делови на Украина не се решение. Затоа неопходни е итно примирје и разрешување на конфликтот, што, единствено, е можно по дипломатски пат“, рече Петровска.

Таа се осврна и на улогата и позицијата на НАТО, особено во однос на едни од клучните задачи – одбраната и одвраќањето. НАТО, истакна Петровска, останува посветено на одбрана и одвраќање, на одбрана на секој метар сопствена територија и одвраќање на трети земји од непријателски дејства.

Во контекст на безбедносните предизвици, Петровска порача дека листата е голема и комплексна – енергетската зависност, зависноста од други ресурси, ценовните шокови, климатските промени, сајбер и хибридните закани, дезинформациите и дека оваа реалност побарува редефинирање на приоритетите и адаптација.

„Енергетската зависност станува клучен предизвик за повеќето европски земји, кој може да ја предизвика безбедноста и стабилноста на земјите од евро-атлантското подрачје. Поради порастот на цените на енергентите, импликациите се чувствуваат врз секој аспект од нашето живеење. Но, кога енергентите стануваат оружје и средство што треба да ја скрши нашата волја за да го поддржиме територијалниот интегритет на суверена држава на европска почва, како што е Украина, тогаш ние треба да бидеме уште посилни и напорно да работиме да го минимализираме зависноста и да го намалиме влијанието на овој предизвик и закана за нашите земји и во иднина“, истакнаминистерката.

За хибридните и сајбер-заканите, министерката истакна дека се сè посериозна закана за сите развиени општества и дека веќе сме сведоци дека цел на напади се и држави од регионот, кои се и членки на НАТО.

„Критичната инфраструктурата, која денес овозможува непречено функционирање на општеството, е клучна за опстанокот и развојот на државата. Сериозните сајбер-напади и последиците од загрозување на критичната инфраструктура се сериозен безбедносен предизвик на државите. Во последниот период во регионот идентификувани се и зголемен број сајбер-напади врз државните институции, невладините организации и централните банки. Токму овие, сајбер-нападите и хибридните активности, се насочени и кон слабеење на отпорноста на државите. Преку поткопување на општествената кохезија и нашиот начин на живеење овие активности се насочени кон ослабување и поделба на земјите однатре“, истакна Петровска. Одговор, пак, на напливот дезинформации треба да биде зголемената транспарентност во работењето на институциите.

Фокусирајќи се на местото на Северна Македонија во контекст на безбедносната криза, Петровска порача дека токму оваа ситуација ја покажува исправноста на политичките одлуки, кои можеби не биле едноставни или популарни, ама биле исправни.

„Во 2018 година, кога се решаваше спорот со Република Грција, се донесе не толку едноставна или популарна одлука за затворање на тој спор и благодарение на постигнатиот договор Република Северна Македонија стана земја членка на НАТО. Вредноста и исправноста на одлуките се покажува по извесно време. Република Северна Македонија служи како исклучителен пример за земјите на Балканот за тоа како треба да гледате напред кон иднината“, истакна министерката.

На конференцијата, освен министерката Петровска, се обрати и Едвард Џозеф, предавач на Школата за меѓународни студии на Универзитетот „Џон Хопкинс“.