3. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Маричиќ за Локално: Истокот не е страната која може да ни обезбеди реформи, слободи, права, европски фондови и просперитет

Истокот не е страната која може да ни обезбеди реформи, слободи, права, европски фондови и просперитет, истакнува вицепремиерот Маричиќ во интервју за Локално, во однос на тоа дали земјава може да се „сврти кон Истокот“ и на трошењето на финансиски средства од страна на Русија за влијание на македонската политика, за што обвини министерот за надворешни работи Османи.

Маричиќ истакнува дека ние од секогаш сме биле поддржани од Западот и дека нашата земја е демократска и европска не затоа што оваа Влада така одлучила туку затоа што од памтивек сме биле на таа страна географски, политички, вредносно и геостратешки.

„Северна Македонија е демократска и европска земја и тоа не е така затоа што оваа Влада така одлучила туку затоа што Македонците и сите граѓани со кои заедно живееме тука од памтивек сме биле на таа страна, и географски, и политички, и вредносно и геостратешки. Ние од секогаш сме биле поддржани од Западот, и во време на нашите ослободувања од окупации, и во време на создавањето на нашата држава и денес. Тој пат денес за нас значи сериозни стандарди, сериозно почитување на човековите слободи, гарантирани права за секоја индивидуа и за секоја заедница, прецизни задачи, одговорности и рокови за секоја институција со цел подобрување на услугите кон граѓаните, огромни европски фондови за инфраструктурни и системски инвестиции во земјава и меѓународно почитување на нашите посебности, и како македонски народ и како држава Северна Македонија со сите свои карактеристики и различности во себе“, вели Маричиќ.
Тој нагласува дека токму затоа нашиот народ отсекогаш е на европскиот пат и дека не постои друга опција.

„Ете затоа нашиот народ со векови е на европската патека. За се што наведов погоре како придобивка за нашата земја не постои ниту една друга опција која истото може да ни го обезбеди ни од далеку. Ние никогаш не сме ја раскинале соработката со Истокот, но тоа не е страна која може да ни обезбеди реформи, слободи, права, економски просперитет и европски фондови, особено ако се има предвид дека Русија со инвазијата врз Украина ги прекрши сите цивилизациски вредности за кои цврсто се залагаме како нација и држава. Токму поради сето ова, убеден сум дека Северна Македонија никогаш нема да се повлече од добрососедство, пријателство и соработка, односно никогаш нема да отстапи од јасно трасираниот европски пат кој носи стабилност, сигурност и подобар живот за нашиот народ“, потенцира вицепремиерот Маричиќ во интервјуто за Локално.