14. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ-Бек: Приоритет на чешкото претседателство е заеднички да ги надминеме предизвиците

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во рамки на неговата официјална посета на Република Чешка, оствари средба со неговиот колега, министерот за европски прашања на Република Чешка, Микулас Бек, на која разговараа за следните планови и чекори на чешкото претседателство со ЕУ.

– Неслучајно на Денот на независноста сум во работна посета на Чешка, која почетокот на своето претседавање со ЕУ го обележа со отворањето на преговорите на Северна Македонија и Албанија со Европската Унија, рече вицепремиерот Маричиќ на состанокот изразувајќи го своето задоволство за остварувањето на тој историски момент за Северна Македонија.

Маричиќ и Бек се согласија дека во вакво турбулентно време најважно е да се негуваат добри односи и да се има вистински пријатели, со кои заеднички ќе се надминат предизвиците со кои се соочува Европа.

– Чешка е наш партнер и остануваат отворени да помогнат на земјите од Западен Балкан да се приближат до Унијата и регионот да биде дел од дијалогот за решавање и надминување на кризите, вели Маричиќ.

Чешкиот министер за европски прашања, Бек, посочи дека Република Чешка е искрен пријател и силен поддржувач на Северна Македонија во евроинтегративниот процес и дека така ќе биде и во текот на нивното претседавање со Унијата.

-Во вистински момент направивте вистински чекор. Ви честитам за отворањето на преговорите со Европската Унијата и среќен сум што тоа се случи за време на нашето претседавање со ЕУ. истакна чешкиот министер Бек.