Грчката компанија Пи-пи-ес е единствената што го помина потесниот круг за добивање на тендерот за изградба на хидроелектрана на Црна Река, изјави министерот за животна средина, Насер Нуредини.
Покрај Пи-пи-ес, понуда пристигнала и од ЕДФ од Франција.
„Во согласност со записникот, има две понуди – од кои е констатрирано дека понудата на грчкиот конзорциум е прифатлива, а понудата на француската компанија ЕДФ е необврзувачка понуда и не е доставена бараната банкарска гаранција“, информира Нуредини.
Рече дека ова е историски ден за енергетскиот сектор.
„Сакам да истакнам дека во целиот процес ние како Влада бевме максимално посветенени овој проект да успее по 13 неуспешни обиди за 20 години. Затоа, добро ги проектиравме условите и имавме слух за потребите на апликантите. Ова е постапка во вистинско време и како држава сме подготвени за успешна реализација на овој проект. Овие хидроцентрали ќе даваат балансна енергија, а проектот ќе се изведува како јавно-приватно партнерство, при што јавниот партнер ќе биде АД ЕСМ“, истакна Нуредини.
По периодот на евалуација, кој трае 60 дена, се очекува потпишување договор што треба да се случи до крајот на првата половина од 2023 година. Првото производство на електрична енергија е проектирано да почне во 2028/2029 година. Системот хидроцентрали на Црна Река треба да произведува балансна енергија од најмалку 333 мегавати и ќе претставува база на домашната енергетска мрежа.
„Обврските во делот на инвестирањето целосно се на товар на приватниот оператор“, информира Нуредини.