22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

(Видео) Васко Ковачевски: Христијан Мицкоски или не знае или лаже

„Треба да одржиме еден час во природа на професорот Христијан Мицкоски, но исто така добро е и граѓаните да слушнат и да видат за што реално станува збор. Професорот Христијан Мицкоски кој што е дел од енергетскиот сектор, кој претходно бил 12 години, во претходната власт главен советник за енергетика, бил 2-3 години и во Надзорниот и Управниот одбор на тогашно АД ЕЛЕМ, сегашно ЕСМ, треба да знае и добро е да знае како се продава ноќната енергија, на кој начин АД ЕСМ ја објавува и како одат одлуките за продажба на оваа енергија. Ако не знае, сега, денеска ќе нацртаме и една табела на која јасно ќе се покаже како АД ЕСМ ги продава ноќните вишоци“ рече денеска пред новинарите во Битола генералниот директор на АД ЕСМ – Васко Ковачевски.

Ковачевски детално образложи како „граѓаните и малите потрошувачи, државните институции и сите субјекти ја купуваат електричната енергија како еден продукт, освен некои стопански субјекти кои имаат потреба од енергија во некои одредени пикови, односно во одредени часови“.

„АД ЕСМ, затоа што зеде обврска да произведува електрична енергија 100 проценти за ЕВН Хоум, да ги покрива техничките загуби во системот на Електридистрибуција и да ги покрива загубите во системот на пренос што го врши АД МЕПСО, ги има вклучено сите капацитетит што ги има на располагање. Во овај период од годината, кога има помал конзум од страна на потрошувачката на ЕВН Хоум, а кога се вклучени капацитетите РЕК Битола со два блока и ТЕЦ Неготино, се појавуваат ноќни вишоци од 2 до 7 часот со инсталирана моќ од 50 MW. Оваа енергија АД ЕСМ мора да ја произведе затоа што се вклучени сите овие капацитети и нема техничка можноста да се намали или да се исклучат овие капацитети затоа што нивното повторно вклучување ќе трае 12 или 24 часа. Оваа енергија, која што се продава од 2 до 7 часот, на јавна објава, на јавна аукција, со транспарентна и конкурентна постапка, можеме да ја продадеме по одредени цени кои индикативно ги дава ХУПЕКС берзата, а цената се формира врз основа на добиените понуди“ порача Ковачевски.

Тој му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека „оваа енергија, овие ноќни вишоци што ги продава ЕСМ, се на слободниот пазар, може да ги купи било кој што ја сака и има потреба и следното, ја продаваме на аукција каде имаме највисока цена во конкурентна и транспарентна постапка“.

„Втората работа е доколку Христијан Мицкоски успева вешто да ги манипулира граѓаните и да лаже, тоа е негов проблем и проблем на неговата политичка опција. Но, граѓаните треба да знаат дека ние како компанија, се грижиме за интересите прво на компанијата, второ на државата, а следствено на тоа се грижиме за интересите на сите граѓани. Ние во овој период ги правиме сите напори и затоа сме денеска тука, во РЕК Битола колку што е можно повеќе и подобро да се подготвиме за следната грејна сезона затоа што сите знаеме дека претстојната зима ќе биде најтешката во последните 70 години“ појасни Ковачевски.