„Со Република Србија немаме ниту едно отворено политичко прашање. Добрите односи меѓу политичарите имаа позитивно влијание и на односите меѓу црквите и во изминатиот период МПЦ беше примена во канонско единство со сите други православни цркви и одлуката на синодот на СПЦ беше со огромно задоволство прифатена во Северна Македонија“ изјави премиерот Димитар Ковачевски за српска РТС.
Тој додаде дека тоа ги зголеми пријателските и добрососедските односи кои ги имаме со Србија.
„Дополнително меѓу себе ние немаме никакви барања како држави туку напротив имаме само желби српскиот народ да напредува, да живее подобро исто како што и претседателот и премиерот на Србија имаат став дека македонскиот народ и сите негови граѓани треба да напредуваат и да имаат што подобар живот и за тоа ние си помагаме двете како држави“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека негова визија уште од млади години е да се промени сликата за Балканот од место на конфликти во место на меѓусебна соработка и просперитет и кажа дека иницијативата Отворен Балкан и искрената соработка на лидерите на трите земји го прават тоа.