27.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Маричиќ: До крајот на 2025 очекувам Северна Македонија да искористи 700 – 800 милиони евра пари од ЕУ

„Сега, со почетокот на скринингот, а многу повеќе со отворањето на поглавјата, граѓаните ќе го оценуваат напредокот на земјата токму низ имплементацијата на европските стандарди во сите сфери на општеството. За таа цел работиме на спроведување на инвестициската агенда на земјата и аплицираме за големи стратешки проекти кои се вистински влог во нашата, но и иднината на нашите дец. И затоа одговорноста е голема“, на денешната прес-конференција истакна вицепремиер за економски прашања Бојан Маричиќ.

Тој нагласи дека токму преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, која Северна Македонија веќе ја користи, се финансираат стратешките приоритети од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан промовиран во октомври 2020 година. Тогаш, вели Маричиќ, комесарот Вархеји ги најави 9-те милијарди евра за периодот од 2021-2027 година, инвестиции кои треба да привлечат 20 милијарди евра заеми од меѓународните финансиски институции.

„Ако направиме споредба со другите земји од регионот, лесно се гледа дека сè подобро и подобро ги користиме фондовите на Европската унија. Секако ќе продолжиме да се подобруваме.

Северна Македонија учествуваше во сите 28 повици за техничка помош кои се досега објавени и на сите седум повици за инвестициски грантови. Притоа одобрени се 43 грантови во вредност од 2,6 милијарди евра, за вкупна вредност на инвестиции од 421.4 милиони евра, надополнети со заеми од околу 600 милиони евра. Доколку овој износ се подели со бројот на население доаѓаме до скоро 230 евра по глава на жител, што ја става нашата земја на второ место по искористеност на европски средства од инвестицискиот фонд за Западен Балкан, веднаш после Црна Гора.
На пример, доколку се подели апсолутната бројка на искористени средства на Србија, која е највисока со споредба со земјите од регионот, 7,1 милијарда евра, со бројот на жители, како што можете да видите и во табелата, има 65,6 евра искористеност по глава на жител.
Или пак Албанија, која иако има приближна вкупна вредност на проекти со нашата земја, сепак кога ќе се земе предвид вредноста по глава на жител, доаѓаме до износ од 130.3 евра.“, рече Маричиќ

Вицепремиерот истакна дека на крајот на јули 2022 година, Европската унија ги одобри првите проекти за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан и дека Северна Македонија аплицираше со четири инвестициски проекти и добивме поддршка за секој од нив во износ од 225,6 милиони евра.

„Одобрените проекти на последниот повик за инвестициски грантови се следниве:
• За проектот изградба на железница помеѓу Северна Македонија и Бугарија во рамки на Коридорот 8, секција Крива Паланка – граница со Бугарија, доделен е грант во износ од 149.2 милиони евра.
• За проектот за набавка на опрема за Осломеј 1 – Фотоволтаична станица доделен е грант за Северна Македонија во износ од 1.6 милиони евра.
• За проектот за набавка на опрема за Осломеј 2 и Битола – Фотоволтаична централа доделен е грант во износ од 5 милиони евра.
• За проектот Изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје доделен е грант во висина од 69.8 милиони евра.

Во рамките на шестиот повик за инфраструктурни грантови одобрени се грантови во износ од 1,1 милијарди евра за сите шест земји, а проектите од Северна Македонија учествуваат со 20,5% од одобрениот износ.“

Маричиќ нагласи дека на почетокот од 2023 година следува нова инвестициска офанзива.

„На тековниот повик за инвестициски грантови, Северна Македонија учествува со три нови проекти во вкупен износ од 53 милиони 15 илјади и 968 евра и тоа:
– два проекти од областа на енергетиката (реновирање на шест хидроцентрали и изградба на ветернички парк во Богданци)
– и еден од областа на заштитата на животната средина (изградба на регионални центри за цврст отпад во Полог, Пелагонија, Вардар, Југо-западен и Југо-источен регион)

Дополнително во соработка со Германската развојна Банка КфВ ќе се работи на енергетска ефикасност на сите студентски домови во државна сопственост.
( во позадина оди табелата со проектите од прилог)“, вели Маричиќ

Говореќи за ИПА фондовите, тој издвои дека ИПА III е нов концепт на ЕУ во однос на поддршката на земјите од Западен Балкан, кој започна да се планира во текот на 2020 година и досега се реализирани следните активности:

Подготвен е Стратешки одговор за користење на ИПА 3 за периодот 2021-2027 година. Овој документ се ревидира секоја година и во јули 2022 СЕП го достави првиот нацрт ревидиран Стратешки одговор до Европската Комисија прилагодувајќи го со последните новости на ниво на ИПА 3 прозорци.
Испрограмирани се годишните програми за ИПА 2021 (само ЕУ финансирање 90.450.000 евра дополнително обезбедено е национално ко-финансирање) и ИПА 2022 година (ЕУ финансирање – 82.500.000 евра, дополнително обезбедено е национално ко-финансирање).
Програмирањето на ИПА за 2023 година е во прва фаза на одобрување односно во јули 2022 година доставени се акциски фишеа за IPA 2023 (ЕУ финансирање 68.000.000 евра, дополнително ќе биде обезбедено национално ко-финансирање).

Дополнително, потсети Маричиќ, Европската комисија ја усвои и програмата за ИПАРД 3 во која се доделени 97 милиони евра (за споредба во ИПАРД 2 програмата беа одобрени 60 милиони евра).

„Овие европски средства ќе се искористат за поддршка на инвестиции во нова земјоделска механизација, изградба на сточарски и живинарски фарми, винарии, млекари, кланици, ладилници, инвестиции во рурален туризам, поддршка за мали бизниси во рурални средини и подобрување на руралната инфраструктура. Искористувањето на овие средства ќе започне по ратификувањето на Рамковната спогодба за ИПА 3 која е во фаза на подготовка за ратификување во Собранието на РСМ, што треба да се реализира до крајот на септември 2022. По овој процес следи потпишување на Финансиски спогодби за секоја програма.“, рече Маричиќ.

Тој истакна дека од 2024 година се планира: Оперативна програма за транспорт за периодот 2024-2027 во износ од околу 50 милиони евра, Оперативна програма за животна средина за периодот 2024-2027 од околу 70 милиони евра, Оперативна програма за вработување за периодот 2024-2027 од околу 40 милиони евра и секако годишните програми заклучно со 2027 година.

Нагласи дека во напредна фаза е пакетот за акредитација на структурите за спроведување на проектите програмирани во ИПА 2022 година во програмата за животна средина (каде се планирани проекти за изградба на пречистителни станици во Велес, Штип и Виница).

„Ова значи дека посветено и со полн капацитет работиме на подготовка на релевантни и зрели развојни проекти за спроведување, но исто така проекти кои произлегуваат од НПАА и скрининг процесот.

До крајот на 2025 година очекувам македонското општество, сите заедно, државата, институциите, граѓаните да искористиме околу 500 милиони евра од ИПА2 и уште 200 до 300 милиони евра од ИПА3, пари доделени од Европската Унија.“, рече Маричиќ

Тој издвои дека и во следниот период останува негова примарна задача максимално да се привлечат дополнителни расположливи европски фондови за развој и напредок на државата, кои ќе бидат многу поголеми и повеќе достапни по пристапувањето во ЕУ.

„Владата покажа дека постои политичка волја за најважните и сеопфатни политички прашања од процесот на пристапување во ЕУ. Се поставуваме одговорно и во плановите да се подготвиме што е можно подобро и со помош на фондовите на ЕУ, да продолжиме со усогласувањето со правото и стандардите на ЕУ.

Така преку максимално искористување на европските пари ќе продолжиме со забрзан процес на реформи кои се неопходни во процесот на напредување кон членство во Унијата. И сето тоа со една единствена цел – подобар, полесен и помирен живот за секој еден наш граѓанин, за благосостојба на целиот наш народ“, потенцира на денешната прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Бојан Маричиќ.