8.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+БИЗНИСИЗБОР

Гроздобер 2022: „Тиквеш“ и годинава договори откуп на најголеми количини грозје, по највисоки цени

Скопје, 16.08.2022 – Винарската визба „Тиквеш“ од утре, 17 август 2022, започнува со годинешниот прием на винско грозје. И оваа година, „Тиквеш“ ќе откупи најголема количина грозје, по највисоки цени.

Планирано е оваа година „Тиквеш“ да прими и обработи над 30 милиони килограми квалитетно грозје. Во досегашниот процес на дефинирање на соработката со своите партнери – лозарите, кој оваа година започна уште во месец мај, „Тиквеш“ успеа да потпише над 2.000 договори за деловна соработка со кои веќе обезбеди над 28 милиони килограми грозје. При тоа, основната цена по која оваа година ќе се откупуваат најзастапените сорти е дефинирана на 12,5 денари за килограм смедеревка и 16 денари за вранец, што претставува зголемување од 20% до 35% во однос на минатогодишната цена која беше препорачана од страна на ресорното министерство.

Истовремено, согласно на својата трајна определба да го стимулира и наградува производството на висококвалитетно грозје кое е неопходно за производство на врвни вина со премиум квалитет кои се бараат од потрошувачите на домашниот, а особено на странските пазари, „Тиквеш“ и оваа година нуди за 50% повисоки цени за грозје со висок квалитет, кое е произведено согласно светските стандарди и критериуми за квалитет.
Со цел да се обезбеди непречен откуп на грозје, „Тиквеш“ во процесот на разговори и потпишување договори со своите партнери-лозарите, кој започна три месеци пред почетокот на бербата, даде и точни насоки за начинот и динамиката на берба и прием на грозје во винарницата.

За да обезбеди квалитетен род, како основен предуслов за производство на врвни вина, „Тиквеш“ продолжи да ги поддржува лозарите во текот на целата година, обезбедувајќи им препарати и средства за заштита со пониски цени, стручни совети и едукација за начинот како да постапуваат во процесот на одгледување и заштита на лозјата, а обезбедени се и флексибилни начини на исплата на откупеното грозје во многу пократки рокови од оние кои се дефинирани со закон.

Дополнително, прифаќајќи ја предводничката улога на генератор на развојот на целокупната домашна винска индустрија, „Тиквеш“ е во финална фаза на склучување договори со неколку мали македонски винарници, како што се винарниците „Попов“, „Дисан“ и „Крњево“, на кои ќе им обезбеди целокупна поддршка во брендирањето, промоцијата и пласманот на нивните квалитетни вина, особено на странските пазари. На ваков начин, „Тиквеш“ директно влијае на зголемување на конкурентноста и вкупниот одржлив развој на македонската винска индустрија, кој е возможен само доколку се зголеми производството и пласманот на квалитетно вино во шишиња.