25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Денес започнува инвестицијата вредна 130 милиони евра со која се отвораат речиси 900 нови добро платени работни места и со која за првпат кај нас ќе биде произведен целосен автомобил

Фејсбук статус на Ковачевски:

Денес е еден од оние убави денови кога стануваат видливи резултатите од вложениот труд. Денес започнува инвестицијата вредна 130 милиони евра со која се отвораат речиси 900 нови добро платени работни места и со која за првпат кај нас ќе биде произведен целосен автомобил.

Електричниот автомобил „E-Go“ кој ќе се произведува во ТИРЗ во Тетово е корисен за урбани средини, истовремено одржлив, иновативен, економичен и без штетни емисии на гасови. Затоа и оваа инвестиција ми е лично посебно драга. Таа ќе го промени начинот на кој размислуваме за возилата. Ова е иднината, и на индустријата и на заштитата на животната средина. Ова е нашиот влог за идните генерации.

Со оваа инвестиција уште еднаш се покажува дека ТИРЗ зоните се успешна приказна – над 15.000 вработени во различни индустрии и позитивен тренд на раст со речиси 2 милијарди евра извоз само во првите 7 месеци од 2022. Овие позитивни резултати и бројки кои постојано растат, потврдуваат дека создадената нова стратегија и програма за работа креираат позитивна бизнис клима за инвеститорите.

На денот кога одбележуваме 21 година од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, докажуваме дека преку заедништво и соживот една мултиетничка и мултикултурна држава може да биде успешна, економски напредна и просперитетна.

Честитки и посакувам успешна работа на компанијата.