Синоќа во Битола беше отворен форумот за локални практики во филмската дејност, кој се реализира со поддршка од општина Битола, а во организација на Здружението за поддршка и производство на долгометражни и краткометражни филмови и поддршка на развоjот на филмската деjност „БАЛКАН СИНЕМА СИТИС“.
Овој форум, претставува можност за воведување на иновативни практики, решенија и идеи, во напредокот на филмската дејност на локално ниво. На отворањето на форумот, свое обраќање имаше градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој меѓудругото нагласи:
„Кога станува збор за филмот, Битола нуди големи можности за продукција на филмови, поврзани со различни историски периоди, но и со друга тематика, за која е неопходна автентичност на просторот, изразена низ нашите значајни објекти, нивниот ентериер или едноставно живописниот отворен простор, како и бројните улички проткаени со бројни приказни.
Во 2013 отпочна изградбата на Киното Манаки, од крајот на минатата година, активно овој простор добива функционалност, со што како локална самоуправа, дополнително вложуваме во нашето дејствување како град кој од 2015 година е член на мрежата на креативни градови на УНЕСКО, во областа филм. Кино салата на Центарот за култура, со својата висококвалитетна опрема, е уште еден простор во нашиот град, кој нуди современи можности за љубителите на филмот.
Кога зборуваме за одржливост во оваа област, мора пред себе да го имаме значењето на филмската индустрија за развојот на туризмот, културната промоција и финансискиот бенефит за речиси сите други сектори кои функционираат во градот. Сепак, во процесот на создавање нови придобивки, не смееме да ја заборавиме грижата за објектите и животната средина, зошто само на тој начин, секогаш ќе бидеме чекор понапред кон подобрувањето на условите за напредок“, рече Коњановски.
Присутните имаа можност да ја гледаат и проекцијата на филмот „Стела“, кој е првиот македонски игран филм за деца, а воедно и првото еко производство.
Форумот, продолжува денес од 10.00 часот во Кино „Манаки“, а ќе бидат опфатени теми поврзани со можностите и предизвиците на зелениот аудио – визуелен сектор, како и одржливоста како нова тема во сите области од животот, вклучително и во филмската продукција.