15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Стојановски: Да гласаме за број 1 за СДСМ, за европско Тетово

Прес- конференција, Глигорије Стојановски, носител на советничката листа на СДСМ Тетово

Почитувани сограѓани, почитувани мои тетовчани и тетовчанки..

Сите го сакаме наше Тетово. Сите посакуваме нашиот град да оди напред, да се развива и да чекори во правец за кој се стремиме повеќе од триесет години. Патеката по која тргна нашата држава, а по неа и Тетово, всушност ја отсликуваат многубројните проекти со кои нашата Сдсм, со помош на Владата, во изминатиот мандат успеа на локално ниво да допре речиси во секој аспект од општествениот живот. Вложени беа многу средства токму во нашата Општина.

Беа изградени и обновени многу улици и објекти. Како најзначајни ги издвојувам патот накај нашиот бисер Попова Шапка, главната улица на населеното место Сараќино, како и улицата Гоце Делчев.
Изграден беше современ школски спортски базен, а во завршна фаза е и изградбата на Музејот на тетовски крај и спортската сала во ООУ Андреја Савески Кикиш.

Како човек од културата мора да ја потенцирам и организацијата на Тетовското културно лето. Манифестација, која се одвиваше во духот на соживотот. Во една вечер се слушаше и пееше како албанска, така македонска, па и музика и песни од други, разни етнички култури кои го красат Тетово. Тука се препознаваше мултиетништвото кое го негуваме и претставува единствен столб за мирот и благосостојбата во нашиот заеднички град.

Што се случува денес? Знаеме, и бевме сведоци на овогодишното Тетовско културно лето, одржано раздвоено по етникум, базирано на националност и со намера за разединетост.

Во овој контекст, морам да го напоменам избраниот почесен граѓанин од друга држава, без консензус и незаконски, без вообичаената правна пракса кога станува збор за назначување на личност од вакво големо значење. Тетовчани се длабоко разочарани.

Ваква локална политика води само кон поделби и омраза. Ветуваниот бесплатен паркинг од страна на моменталната локална гарнитура, се претвори во поскапување на истиот.

Наместо реализација на ветувањето за изградба на катни гаражи ние добивме уште поголем сообраќаен метеж. Кучињата скитници станаа наша природна средина. Истите не се згрижуваа осум месеци, ама затоа сега се прави некој предизборен обид за нивно згрижување ама и тоа оди селективно, се третираат само агресивните кучиња. Знаеме дека сите овие кучиња скитници претставуваат опасност по нашето здравје и безбедност. Впрочем, колку и да е апсурдно, мора да потенцирам еден факт на кој сите сме сведоци.

Градоначалникот Биљал Касами и Дпмне, досега, сите проекти кои ги отворија и реализираа всушност се проекти од претходната локална власт и Владата предводена од Сдсм.

Нивната неспособност за нешто свое, тие цело време сакаат да го покријат со лажно претставување на државничкиот спор со Бугарија кој претставува дел од државната политика и истиот нема допирна точка со локалните проблеми. Но, колку и да има негативности во постоечкото мнозинство во Советот и градоначалникот Касами, повеќе би сакал да се задржам на нашите проекти за кои ние како партија и советничка група би се заложиле доколку станеме дел од мнозинството на Советот во Општина Тетово..

Целосно даваме поддршка за реализација на граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“, и конечно изградба на Градски парк во Тетово. Ќе започнеме со гасификација на нашиот град.

Ветуваме, како и што сме докажале во минатото, асфалтирање и реконструкција на многу улици, тука би ја издвоил улицата и тротоарот на „Борис Кидрич“, која води накај автобуската и железничката станица. Исто така, несомнено би се заложиле и за следниве проекти кои се од исклучително значење за тетовчани и кои истите го подобруваат квалитетот на животот во нашата општина..

Поставување на семафори на раскрсницата на булевар „Благоја Тоска“ и улица „Љубо Божиновски- Пиш“, пред Тетовчанка, затоа што безбедноста е од приоритетен карактер. Пробивање на улицата „Видое Смилески- Бато“ до село Порој и Џепчиште и изградба на мост на Поројска река, со цел растеретување на сообраќајниот метеж. Изградба на спортски терен во селото Сараќино, како и тротоар кој води до основното училиште во селото Фалише.

Реконструкција на улиците од горниот дел на градот.. улицата „Гоце Делчев“ од црквата Свети Кирил и Методиј па се до месноста Колтук. Тука е улица „Пролетерска“ , „Тодор Циповски- Мерџан“ како и улицата „Браќа Симовски“ односно познатото наше Чапчаково сокаче. Реконструкција на улици во Блок 70 и населеното место Стамбена.

Изградба на катни гаражи низ локации во централното подрачје на градот. Изградба на Спортски комплекс помеѓу базенот и постојното фудбалско игралиште. Тука ќе изградиме терен за мал фудбал, тенис, како и детска урбана опрема, патека за велосипеди и ролери. Сето ова ќе биде бесплатно достапно за нашите деца.Ќе ја ставиме во функција капелата на старите градски православни гробишта во нашиот град.

Во пресрет на претстојните локални избори, односно избор за кандидати за советници за Совет на Општина Тетово, ве повикувам, мои сограѓани, да излезете и да гласате за враќање на сјајот и духот на нашиот град.

Тоа единствено го овозможува нашата советничка група.

Гласајте за бројот 1. Број, кој самиот по себе ја најавува нашата победа.

Победа за нашето, заедничко, европско Тетово.

Спонзорирано: