31.8 C
Скопје
10. август 2022
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Centar Бизнис Во тренд...

Граѓаните се ослободуваат од печките на пелети, огласниците полни – цената стигна над 380 денари за вреќа

Се повеќе граѓани се откажуваат од камините на пелети, а огласниците се преполни со огласи каде граѓаните ги продаваат по багателни цени со цел да се ослободат од нив.

Овие скапи камини кои нови чинат над 700 евра станаа буквално прескапи за користење со оглед дека една вреќа пелети од 150-160 денари за вреќа сега се продава за 380, 400 денари, а на една бензинска пумпа од најголемиот ланец на бензински станици во Македонија затекнавме и цени од преку 400 денари за вреќа.

Минатата зима, но и ова лето не само што цените летнаа во облаци, туку и немаше пелети, па така многу граѓани мораа да бараат начин да го менуваат начинот на кој ќе го затоплат својот дом, па така атрактивни станаа инвертер клима уредите, но и многумина се вратија на традиционалниот начин на затоплување на домот со дрва.

Колку чини дневно затоплувањето со скапите пелети?

За затоплување на просторија од 50 квадрати се потребни 1,5 до 2 вреќи пелети за оптимална топлина. Доколку дневно трошиме по 2 вреќи пелети по просечна цена од 380 денари, вкупно за еден ден ќе потрошиме 760 денари.

Доколку трошиме 30 дена по 2 вреќи пелети, ова задоволство ќе не чини 22.800 мкд/месечно.

Доколку греење уклучуваме од 15 октомври до завршувањето на потребата за топлење на домот – 15-ти март, тоа се пет месеци, односно грубо земеме дека тоа биле 150 дена, и ако секојдневно трошиме по 2 вреќи пелети ќе потрошиме 114.000 денари односно речиси четири просечни плати.

Владата забрани извоз на пелети
Неодамна од Владата беше донесена одлука за ограничување на извозот на огревно дрво и пелети до крајот на годината, односно до 31.12.2022 година.

Оваа одлука за привремено ограничување на извозот на огревно и необработено дрво и пелети е донесена со цел да се спречат и избегнат последиците предизвикани од зголемената побарувачка на населението за огревно дрво предизвикана од енергетската криза на светскиот пазар.