12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Oтворени две нови станбени единици за лицата со попреченост во Демир Капија

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, заедно со градоначалникот на општина Демир Капија, Лазар Петров беше во посета на една од двете ново отворени станбени единици (групни домови) при ЈУ Специјалниот завод „Демир Капија“.

Тренчевска ги истакна позитивните резултати во смисла на подобрување на квалитетот на животот на лицата со попреченост во заедницата преку преселбата на корисниците во помали станбени единици.

„Живеењето со поддршка за лицата со попреченост е вистински одговор за подобрување на условите, стандардите и грижата кон овие лица, но и почитување на одредбите од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, признавајќи дека дискриминацијата на секое лице врз основа на попреченост е повреда на достоинството и вредноста на човекот“, рече Тренчевска.

Таа ја посочи услугата живеење со поддршка која е дел од социјалните услуги во заедницата како вистински исчекор кон почитување на човековите права на лицата со попреченост.

„Со процесот на воспоставување на социјални услуги во заедницата добиваме сите, а најмногу корисниците. Давателите на социјалните услуги, вработените во ЈУ Специјалниот завод ‘Демир Капија’, заедницата, општината, добиваат дополнителна вредност пред сè во разновидноста во заедницата, непосредниот контакт со корисникот, неговите потреби и воопшто грижата и негата која се нуди“, рече Тренчевска.

Со отворањето на двете нови станбени единици, вкупниот број на отворени единици управувани од страна на ЈУ Специјалниот завод „Демир Капија“, изнесува 12.

Грижата за ранливите категории на граѓани e приоритет на Министерството за труд и социјална политика, велат од оваа институција.