25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

МВР: Полициски хеликоптер со најсовремена опрема за гаснење пожари делува во локализација на пожарот во Беровско

МВР е со граѓаните секогаш и секаде кога е потребно. Од рано утринава полициски хеликоптер од Хеликоптерската единица при Одделот за воздухопловни единици во МВР, опремен со најсовремена опрема за гаснење пожари, делува на лице место во локализација на пожарот кој вчера избувна над атарот на селото Митрашинци, беровско, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Во координација со Територијалната противпожарна единица – Берово, припадници на ЈП „Македонски шуми“ – подружница Берово и голем број доброволци се очекува пожарот што поскоро да биде ставен под контрола за да се спречи ризикот од катастрофални последици, како оние од минатогодишниот пожар во беровско-делчевското подрачје кој заеднички го гасевме.

„Имено, последнава година Министерството за внатрешни работи заедно со Одделот за воздухопловни единици, за потребите на Хеликоптерската единица за полициски намени, која во рамки на МВР постои од 1969 година и е опремена со 3 хеликоптери марка „Бел“, ги препозна потребите на државата за поуспешно справување со пожарите, а со тоа и подобра заштита на граѓаните и имотот.

Катастрофалните пожари од 2021 година токму во овој регион, беа сигнал за МВР да набави најсовремена опрема со која хеликоптерите се оспособуваат за гаснење на пожар, со што ќе можат да одговорат на потребите на граѓаните. МВР набави едно ведро за „Бел 212“ и Симплекс резервоар за „Бел 412“. Со овој чекор МВР преку Одделот за воздухопловни единици се оспособи за уште една задача во заштита и служба на граѓаните.

За да се овозможи успешно користење на опремата беше спроведена меѓународна обука од словенечката полиција, и тоа за носење подвесен товар и за гаснење на пожари. Обуката успешно ја завршија сите пилоти на Хеликоптерската единица за полициски намени.

Овој пример е уште еден доказ дека МВР е сервис на граѓаните и тоа е веќе имплементиран начин на работа во сите сегменти на полициското работење, а заштитата и безбедноста на граѓаните е наш приоритет“, додаваат оттаму.