26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Од денес одиме напред со забрзан чекор кон европското семејство, каде и официјално ќе се чуе нашиот македонски јазик

Владата на денешната 60-та седница ги разгледа и усвои заклучоците кои ги изгласа денеска Собранието и врз основа на тие заклучоци Владата донесе одлука за одобрување на предлогот на француското претседателство од 30 јуни 2022.

По завршувањето на владината седница, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски одржа прес-конференција на која што порача дека со одлуката донесена на денешната владина седница го отпочнуваме процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија и се заокружува уште еден, објективно историски чекор за нашата земја.

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Денеска, ја одржавме 60-тата седница на Владата на која ја разгледавме и усвоивме информацијата за утврдување на генералната позиција на Република Северна Македонија при одржувањето на меѓувладината конференција со која го отпочнуваме процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија. Со оваа владина седница заокружуваме уште еден, објективно историски чекор за нашата земја.
Во оваа прилика би сакал да им се заблагодарам на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и на министерот за надворешни работи Бујар Османи за нивната исклучителна посветеност при зачувувањето и унапредувањето на државните позиции во целиот процес кој претходеше на оваа владина седница и собраниската расправа изминативе денови. Воедно да се заблагодарам и на останатите членови на Владата за нивната поддршка во овој важен процес за нашата држава, процес кој ќе резултира со остварување на нашата втора стратешка цел, полноправното членство во Европската Унија.

Поради оваа координирана и посветена работа, ние денес имаме преговарачка рамка во која македонскиот јазик и идентитет се заштитени, историските прашања се надвор од истата, а ние сме веќе на чекор од одржувањето на првата меѓувладина седница која ќе го означи почетокот на преговори на Северна Македонија со Европската Унија.

Почитувани,

Денес отвораме нови перспективи за државата, нови можности за просперитет за граѓаните. Од овде, и од денес па натаму, одиме напред со забрзан чекор за да се приклучиме кон европското семејство во кое многу скоро и официјално ќе се чуе нашиот прекрасен македонски јазик.
Изминативе денови на повеќе различни форуми и со многу чинители го дискутиравме европскиот предлог. Таа широка консултација и дискусија денес се заврши во Собранието каде пред јавноста, пред граѓаните имавме прилика да ги издискутираме и повторно да ги потврдиме нашите позиции и нашата посветеност на европскиот пат.

Граѓаните имаа единствена можност да видат дека во Собранието ние говоревме за почитување и зацврстување на минатото, за цврста и долгорочна поддршка на нашиот идентитет и национална посебност, за стабилна сегашност, но најмногу од сѐ за подобра блиска иднина, за прогрес, за развој, за перспективна иднина базирана на здрав, вистински и модерен патриотизам.
Опозицијата пак говореше за лажен патриотизам, за квази митови, за измислени апокалипси, за црнила, за странски сценарија. Свиреа, урлаа, палеа, кинеа, споредуваа наши државни пријатели со луѓе од најмрачните периоди во историја. Сето ова тие го прават, како во нивното историско и партиско минато, за свои и странски нарачки, за туѓи, а не македонски интереси. По не знам кој пат докажаа дека за нив идентитетот се брои во пари, во криминал, во бели дворци и црни фотељи и автомобили. Тоа е нивниот идентитет, НЕ на македонскиот народ и држава.
Ние денес велиме ДА за зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура, историско минато, засебност и посебност. И дома и насекаде во светот. Ние велиме ДА за развој на заедничка, мултикултурна, мултиверска, за граѓанска држава, интегрирана рамо до рамо со најголемите нации и држави во светот.
Знам дека само луѓе со јасен идентитет, со верба во себе, со почит кон своите корени, потекло и предци, со јасен план за сегашноста и иднината, единствено можат да ја движат државата напред. Да градиме држава- дома за сите и на сите, со демократски стандарди, со владеење на правото и со економски напредни граѓани.
Почитувани граѓани,

Уште еднаш, јасно и гласно, цврсто и сигурно, во име на Владата, сакам да ве увериме дека во целиот долгорочен процес, никој не смее и нема, во било кое време и околности, да преговора за македонските идентитетски прашања. Тоа не се работи за кои се преговара.
За тоа имаме јасна убеденост, света и вечна обврска и времето, многу брзо, ќе покаже дека во тоа сме успеале.
Нашата досегашна и идна работа уште повеќе го зајакнуваат нашиот идентитет и даваат силна шанса за подобра држава.

Продолжуваме уште посигурно, уште поцврсто во развојот на државата.
Во следните денови и недели, како што ветивме, ќе пристапиме кон реализација и почеток на преговорите со Европската Унија. Конечно, по 17 години.
Конечно, денес ја имам честа да го најавам датумот за првата Меѓувладина конференција, која треба да се одржи веќе наредната недела, на 19 јули, во Брисел.
Потоа, Европа ќе биде во Скопје, а Република Северна Македонија во Брисел, со полн капацитет, со пристап кон фондови, со пристап кон знаења, вистински принципи и најважно вредности, кон кои се стремиме и ги посакуваме. И сето тоа, врз основа на нашата национална и државна засебност, историја, идентитет, кој ќе се гледа континуирано во сите европски центри.
Почитувани граѓани,
Ве повикувам на заедништво, на верба, на позитивен пристап, на оптимизам. Ве повикувам, затоа што нудиме обединување за подобра и вистинска македонска држава. За ново сонце на слободата, правдината, развојот, за мултиетничка и мултикултурна, за граѓанска и европска држава. Како што доликува и каква што ја сакаме во срцата, каква што ја градиме разумно со памет.
На крај, уште еднаш сакам да ве уверам.
Ќе не биде. Ќе успееме. Ќе сработиме, ќе изградиме силна, рамноправна, успешна држава.
Со Вас, ЗА вас, во име на нашите предци, за денешните и за идните генерации.

Да живеат граѓаните, да живее Република Северна Македонија!“.