25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Средба на претседателот Џафери со претседателката на Европската комисија, фон дер Лајен

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, oствари кратка средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред нејзиното предвидено обраќање пред пратениците во Собранието. На средбата присуствуваше и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.

Претседателот Џафери, посакувајќи и добредојде во Собранието од името на пратениците, истакна дека стратешки цели на државата од нејзиното осамостојување се членството во НАТО и во Европската Унија и изрази уверување дека во моментот кога земјата е на прагот да го започне процесот на преговори кој треба да доведе до исполнувањето на втората стратешка цел, пратениците ќе го изберат вистинскиот пат. Тој нагласи дека одлуките се носат во согласност со почитување на главните прашања за кои се изразува загриженост во јавноста како македонскиот јазик, култура, историја и идентитет. Македонскиот јазик ќе биде регистриран без фусноти, потенцира Џафери. Тој изрази уверување дека времето ќе покаже дека била донесена вистинската одлука.

Претседателката Урсула фон дер Лајен истакна дека и е чест да биде во земјава во вакви одлучувачки моменти, дека во Европската Унија се свесни дека државата постигна многу досега и дека се движи во вистинскиот правец. Таа изрази надеж дека ревидираниот француски предлог кој ги штити македонскиот идентитет и јазик ќе наиде на одобрување и потсети на мотото на ЕУ: „Обединети во различностите“. Таа нагласи дека со внимание ќе го следат гласањето во Собранието и дека по одржувањето на првата меѓувладина конференција, веднаш би започнал процесот на скрининг. „Ве чекаме во ЕУ“, заклучи Урсула вон дер Лајен.

Претседателот Џафери, заблагодарувајќи се на охрабрувањето, рече дека верува во решителноста на 27 земји членки по 17 години чекање да го откочат процесот и дека отворањето на преговорите ќе го намали притисокот во јавноста. Исто така, изрази очекување процесот да биде финализиран во догледно време.